fbpx

Porsche 718 GT4 RS е најекстремниот Cayman досега

Германскиот производител на Салонот во Лос Анџелес го претстави и 718 Cayman GT4 RS, перформансниот знаменосец во поставата на 718

Porsche 718 GT4 RS по се изгледа е лебедовата песна на актуелната генерација која многу веројатно ќе биде последниот спортски автомобил со средно поставен мотор на внатрешно согорување од Цуфенхаузен. Моделот веќе ги докажа своите способности на Нирбургринг каде постигна време од 7:04.511 за еден круг, со што е за 23,6 секунди побрз од GT4.

Porsche 718 GT4 RS

Иако развојот на 718 Cayman GT4 RS воопшто не беше тајна, бидејќи Porsche и претходно објавуваше детали за истиот, сега ги потврди и деталит. 4,0-литарскиот шестцилиндричен мотор е истиот оној како кај Porsche 911 GT3, иако кај Cayman испорачува „само“ 500 КС. Максималниот вртежен момент достигнува 449 Nm, што е исто така помалку од 911 GT3, но е далеку повеќе од Cayman GT4 кој испорачува 420 КС и 420 Nm.

Моќноста не значи ништо, ако не знаете да ја искористите. Така, за разлика од GT4, кој е достапен со мануелен менувач, моторот кај GT4 RS е ексклузивно поврзан со седумстепениот PDK менувач со двојна спојка, кој има пократки степени. Сепак, возачот се уште може да ги менува брзините мануелно користејќи ги лопатките или преку менувачот кој е поставен високо на централната конзола.

Porsche 718 GT4 RS

Дополнителната моќност која ја добива моделот е комбинација на променетиот менувач и помалата тежина, а сето тоа влијае на конечните перформансни бројки. Како резултат на ова, Cayman GT4 RS забрзува од нула до „стотка“ за 3,2 секунди, достигнувајќи го времето на 911 GT3 и намалувајќи половина секунда во однос на Cayman GT4. Максималната брзина исто така е зголемена на 315 километри на час.

Промени наменети за подобри перформанси

Како што може да се очекува, поставката на подесивиот систем на потпирање е фокусиран на патеката, со ревидирани амортизери, пружини и анти рол барови, додека автомобилот е поставен 30 милиметри пониско во однос на стандардниот 718 Cayman.

Засилената аеродинамика го зацврстува GT4 RS на тлото, а фиксираното задно крило е очигледната разлика во однос на GT4. Подвозјето е оптимизирано за подобар проток на воздух, со заден дифузер, подесувачки преден дифузер, преден спојлер и странични нагласени прагови кои имаат свој придонес во целата приказна. Поставката во Performance режимот кој е наменет за патеките нуди 25 проценти поголема потисна сила во однос на GT4.

Меѓу останатите промени на каросеријата може да се истакнат отворите за воздух на местото на задните странични прозорци и ревидираните странични отвори, дизајнирани за подобрено разладување. Со опционалниот Weissach пакет добивате уште повеќе карбонски елементи, меѓу другото. Овој пакет нуди и титаниумски издувни цевки, а во внатрешноста носи Race-Tex тапацир за контролната табла и опционални магнезиумски тркала обложени со Michelin Pilot SPort Cup 2 R пневматици. Porsche ќе го нуди GT4 RS и со специјален часовник од Porsche Design, инспириран од стајлингот и перформансите на овој Cayman.

Porsche 718 GT4 RS

Нарачките за новиот Porsche 718 Cayman GT4 RS се веќе отворени, а неговата цена изнесува 141.338 евра во Германија. Испораките започнуваат во декември.

Поврзани вести

Back to top button