Porsche ги објави првите тизери и детали за електричниот Macan
Taycan беше првиот целосно електричен продукциски модел на Porsche, но германскиот производител очекува новиот и целосно електричен Macan да стане најпопуларниот ЕВ модел на компанијата
Porsche вложува големи надежи во новиот и целосно електричен Macan. Електричниот SUV на германскиот производител ќе биде базиран на Premium Platform Electric (PPE) платформата на Volkswagen Групацијата и ќе ја споделува 800-волтната технологија со Taycan. Најважно од се, како што споменуваат од Porsche, електричниот Macan ќе има значително поголем опсег на движење од Taycan.
Развојот на целосно електричниот Macan напредува со крупни чекори, а Porsche ги објави фотографиите од електричниот SUV, односно од прототип моделите кои се подготвуваат за тестирање во реални услови на патиштата. Во тизер фотографиите кои ги објави германскиот производител се прикажани камуфлирани тест автомобили, кои се изградени базирани на достапните податоци добиени од виртуелните симулации, а од Porsche велат дека главната цел за време на развојот бил да се креира „најспортскиот модел во сегментот“.
„Тестирањето во реални услови сега започнува – еден од најважните моменти во развојниот процес. До времето кога целосно електричниот Macan ќе биде лансиран на пазарот во 2023 година, ќе има покриено околу три милиони тестни километри ширум светот во различни услови. Прототипите се способни да го инкорпорираат искуството добиено од безброј претходни тест километри – возени во виртуелниот простор“, изјави Михаел Штајнер, член на Извршниот одбор на Porsche задолжен за истражување и развој.
Пред да продолжи со оваа фаза на развој, Porsche помина стотици часови во своите лаборатории за дигитален развој и тестирање. Германскиот производител користел 20 компјутерски модели кои ги реплицираат системите и погоните на возилото до висок степен на точност. Главниот аспект на ова тестирање биле аеродинамиката, енергетскиот менаџмент, функционирањето и акустиката.
Како што е познато од претходно, Porsche ќе го продава целосно електричниот Macan заедно со конвенционалниот модел во следните години. Одлуката за ваквиот потег е недостатокот на ЕВ инфраструктура на одредени пазари како и загриженоста дека некои од нив не се се уште подготвени за префрлање на целосно електричен погон.