Porsche официјално ги претстави 911 Targa 4 и 4S
Германскиот производител Porsche ја проширува својата понуда со новата генерација на моделот Targa кој пристигнува во две варијанти, 4 и 4S
Porsche официјално го понуди своето најново решение за сите оние кои се двоумат помеѓу купе и кабриолет. Германскиот производител со официјална премиера ги претстави најновите генерации на Porsche Targa 4 и 4S, кои пристигнуваат со сите елементи со кои се одликуваат останатите членови на серија 992.
Porsche Targa останува „најчудниот“ член на семејството. Причината поради која многумина ќе го изберат овој модел наместо „обичниот“ кабриолет е што Targa овозможува да уживате во возењето на отворено, без притоа да се уништи препознатливата силуета на 911. Porsche Traga пристигнува со мек покрив кој ги спојува задниот специфичен дел наречен Targa Bar со предниот дел, а склопувањето на покривот се одвива за 19 секунди.
Под хаубата, Targa е прилично сличен со останатите членови на 911 семејството. Двете верзии пристигнуваат со истиот 3,0-литарски twin-turbo шестцилиндерски мотор. Разликата е во тоа што во варијантата 911 Targa 4 развива 385 КС и 450 Nm, односно 450 КС и 530 Nm во помоќната Targa 4S верзија. Двата мотори пристигнуваат во комбинација со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка или седумстепен мануелен менувач.
Опремени со Sport Chrono пакетите и автоматска трансмисија, Targa 4 од 0 до „стотка“ стигнува за 4,2 секунди. Targa 4S е нешто побрз и спринтот го достигнува за 3,6 секунди. Максималната брзина на Porsche 911 Targa 4 изнесува 289 километри на час. Помоќната верзија (Porsche 911 Targa 4S) достигнува максимални 304 километри на час.
Targa 4 е поставен на 19 и 20-инчни тркала, додека пак 4S верзијата добива 20 и 21-инчни тркала. Како дел од опремата се и голем број на активни безбедносни системи. Очекувано, Targa моделите се најскапите членови на 992 семејството, со исклучок на Turbo и Turbo S. Цената за Porschе Targa 4 стартува од 128.486 евра, додека Porsche Targa 4S чини 143.956 евра. Porsche најавува дека двата модели ќе пристигнат во продажните салони кон крајот на 2020 година.