Porsche Taycan – Пробивачки импулс

Првиот целосно електричен автомобил на Porsche беше прикажан во облик на концепт наречен Mission E во 2015 година, од тогаш до денес се појавија многу електрични автомобили...

Сепак, ниту еден како Taycan. Токму затоа од него се очекува повторно да ја напише книгата со правила за тоа што сè е можно да се постигне со електричните автомобили.

Свој, но со препознатлив идентитет

Својата голема премиера ја доби на Саемот во Франкфурт, каде несомено беше главна ѕвезда и мета на автомобилските фанови и ентузијасти. А има и зошто… Со својот чист, пуристички дизајн, Taycan го сигнализира почетокот на новата ера, во исто време, го задржува непогрешливиот ДНК за дизајн кој доаѓа со секој модел на Porsche. Од предната страна изгледа особено широко и рамно со високо контурирани крила. Силуетата ја обликува спортската кровна линија која се наклонува надолу кон задниот дел. Карактеристични се и високо извајаните странични делови. Начинот на кој е изведена кабината, долгиот заден Ц-столб и изразените раменици на крилата резултираат со остро нагласен заден дел што е типично за марката.

Дел од визуелниот потпис на Taycan се новите светла и како отворите за воздух под нив, преку кои се креира таканаречената „воздушна завеса“ околу возилото, која ја подобрува аеродинамиката и го намалува отпорот на воздух креиран од отворите на тркалата. Исто така, постојат иновативни елементи како што е Porsche логото кое е со стаклен ефект и во исто време е интегрирано во светлосната лента од задниот дел, која главниот дизајнер Мајкл Мауер ја смета за основа на идентитетот на задниот дел.

Porsche Taycan

Со моделот Taycan, Porsche за прв пат нуди внатрешност во која комплетно се избегнува употреба на кожа. Ентериерот е направен од иновативни рециклирани материјали со што се потенцираат одржливиот концепт на електричниот спортски автомобил. Новитет се и „гаражи за нозе“ – вдлабнатини во подот каде што е сместена батеријата, со цел да се обезбеди удобност при седење во задните седишта во автомобилот. Кај сите изведби на Taycan достапни се две багажни места, простор под предниот поклопец кој има капацитет од 81 литар и задниот, традиционален дел има волумен од 366 литри.

Кокпитот сигнализира почеток на нова ера со својата јасна структура и целосно нова архитектура. Слободниот, заоблен кластер на инструменти претставува највисока точка на контролната табла, со што е ставен јасен фокус на возачот. Централно поставениот 10,9-инчен дисплеј за инфотејмент и дополнителниот патнички дисплеј се комбинирани за да формираат интегриран стаклен опсег во долгиот преден панел. Сите кориснички интерфејси се во целост дизајнирани наново за моделот Taycan. Бројот на класични хардверски контроли како прекинувачи и копчиња е значително намален. Наместо тоа, контролата е интелигентна и интуитивна, сите операции се изведуваат преку допир на екраните или преку функцијата на гласовна контрола, која одговара на командата “Hey Porsche”.

Porsche Taycan

Taycan е првото производствено возило кое користи системски напон од 800 волти наместо вообичаените 400 волти како што досега беше пракса за електрични автомобили. Ова е посебна предност за возачите на Taycan, бидејќи за нешто повеќе од пет минути батеријата може да се наполни за дополнително движење во опсег до 100 километри со употреба на (DC) полнач, од мрежата за полнење со голема моќност. Времето на полнење од 5 до 80 % изнесува 22,5 минути за полнење во идеални услови на 93,4 kWh големата батерија, а максималната моќност со која таа може да полни е 270 kW. Доколку во близина нема брзи полначи Porsche Taycan можe да ги полни своите батерии и со 11 kW наизменична струја (AC) која е вообичано во употреба кај конвенционалните домаќинства.

Подготвен за иднината

Првите два модели достапни на купувачите се Taycan Turbo и Taycan Turbo S, тие имаат две исклучително ефикасни електрични мотори, еден на предната оска и еден на задната оска, со што автоматски добиваат погон на сите тркала. Воедно, опсегот и постојаната моќност на погонот имаат корист од високата ефикасност на синхроните мотори. Електричниот мотор, менувачот и инверторот со контрола на пулсот се комбинирани во исклучително компактен погон. Модулите имаат најголема густина на моќност од сите електрични погони на пазарот денес.

Taycan | Porsche Taycan
Taycan | Porsche Taycan
Taycan | Porsche Taycan

    Посебна карактеристика на oвиe електрични мотори се намотиките на калемите, оваа технологија овозможува да се вметне повеќе бакар во статорот, со што се зголемува моќноста и вртежниот момент додека се одржува истиот волумен на компонентата. Од друга страна тука е и првиот двостепен менувач кај ваков тип автомобили кој е инсталиран на задната оска и е иновација развиена од Porsche. Негова задача е во првата брзина да му дава на Taycan поголемо забрзување од самиот почеток, додека втората брзина која е со долг сооднос на менувачот обезбедува висока ефикасност и подеднакво големи резерви на моќност во моменти кога автомобилот се движи со патна брзина.

    Извонредната комбинација на новите технологии и иновативни решенија кои компанијата ги имплеметира за прв пат, на овие модели им овозможува вонсериска моќност, исклучително забрзување како и долг опсег на движење. Предводникот, Turbo S верзијата на Taycan може да генерира 761 КС, а Taycan Turbo 680 КС. Забрзувањето кај Taycan Turbo S од нула до 100 км//ч трае само 2,8 секунди, додека на Taycan Turbo го комплетира овој спринт за 3,2 секунди. Комбинацијата на моќниот батериски систем на Turbo S изведбата и овозможува опсег на движење до 412 километри, додека кај Turbo верзијата тој е за нијанса поголем и изнесува до 450 километри со полна батерија. Најголемата брзина на двата модела е ограничена на 260 км на час.

    Во Франфурт разговаравме со Михаел Мауер – Шеф на „Porsche Style“ дизајн одделот

    „Во минатото традиционално, „Turbo“ и „Turbo S“ одбележувале големина, градба и моќ на моторот, а сега, ќе го одбележуваат нивото на спортски дух на возилото.“

    Porsche Taycan

    Михаел Мауер: Дизајнирањето на првиот електричен модел за компанија како што е Porsche e многу тешка и екстремна задача. Идејата дека автомобил треба да ги има сите карактеристики на брендот, но со сосема различен концепт на моторизација е предизвикувачки момент за секого. Не сакавме да тргнеме во правец каде што ќе се користи сосема нов дизајнерски јазик што ќе се одалечи од она по што сме препознатливи сите години наназад, на крајот од денот тоа треба да биде автомобил кој го поседува идентитетот на Porsche.

    Михаел Мауер: Предниот дел го идентификуваат предните светла или како би сакал да кажам: светлосниот извор сместен на почетокот на воздушниот тунел. Уникатниот влез на воздух како континуите на предниот фар низ кој влегува воздух кој креира еден вид воздушна завеса која има улога да ја подобри аеродинамиката на возилото..

    Михаел Мауер: Во минатото традиционално, обележувањата на задниот дел на возилото „Turbo“ и „Turbo S“ одбележувале големина, градба и моќ на моторот, а сега, ќе го одбележуваат нивото на спортски дух на возилото. На крајот на денот, Taycan е сепак Porsche и ги носи неговите гени.

    Porsche Taycan

    Во Франфурт разговаравме со Мајкл Милер – Директор на продажба за Централна и Источна Европа

    Мајкл Милер: Нашата стратегија за поблиската иднина, поточно до 2025 година е 50% од моделската понудата да биде базирана на електричните автомобили, тоа значи дека понудата ќе биде проширена со нови, сосема електрични автомобили. Интересот на пазарите ширум светот покажува дека потребата од вакви модели е во константен пораст, затоа нашата цел е најмалку 50% од моделите кои што ќе ги имаме во понуда да бидат од овој тип.

    Мајкл Милер: Моето лично мислење е дека купувачите најпрво ги привлекува новата технологија, новиот пристап и новиот дизајн, како на пример интересот за електрификација на автомобилите. Но, секако интересот на купувачите за овој тип на автомобили од друга страна доаѓа и од поддршката на одредени држави која им е дадена на купувачите. Во некои земји е дозволено да ги користат лентите предвидени за јавен превоз во големите метрополи, бесплатно паркирање и полнење, како што е пример и во Македонија, намалување на годишниот данок… итн, затоа сметам дека интересот за електричните автомобили не е потикнат само од една туку е сплет од повеќе причини.

    Мајкл Милер: Глобаните случувања ни предочуваат дека треба да бидеме максимално подготвени за овој тип на промени и во регионот на централна и источна Европа, каде во иднина се очекува масовна имплементација на оваа нова технологија и зголемен обем на електрификација на возниот парк. И секако моделот Taycan е достапен и може да биде порачан од купувачите во Македонија, а оние што веќе го имаат направено тоа или планираат наскоро да го направат, може да ја очекуваат неговата испорака со почетокот на наредната, 2020 година.

    Новиот Porsche Taycan ќе е достапен и кај нас преку овласетниот увозник Порше Македонија, а првите примероци ги очекуваме веќе од првиот квартал од наредната година.

    Клучни зборови

    Поврзани вести

    Back to top button
    Close