Porsche Taycan пристигна во Македонија
Првиот целосно електричен модел Taycan на германскиот производител на премиум автомобили Porsche, пристигна во нашата држава
Ние имавме шанса да ја „уловиме“ оваа електрична ѕверка преку нашиот објектив која е изложена во продажниот салон на Porsche, во рамките на комплексот на Порше Македонија. Моделот кој е изложен е Porsche Taycan Turbo, a ние навистина уживавме во неговата убавина.
Од Porsche Македонија останаа таинствени кога станува збор за цената, но и за тоа дали веќе има некој среќен купувач во нашата држава кој ќе го понесе овој електричен убавец со себе дома и ќе ужива низ улиците на нашите градови.
Инаку, Porsche Taycan Turbo поседува фрапантни 680 КС кои се добиваат преку два електромотори, а автономијата со едно полнење изнесува 450 километри. Најголемата брзина е ограничена на 260 километри на час, а од нула до „стотка“ стигнува за 3,2 секунди.
Porsche Taycan со својот пуристички дизајн го најавува почетокот на новата ера, а во исто време ја задржува препознатливата ДНК на Porsche. Силуетата се обликува со спортска покривна линија која оди во надолна линија кон задниот дел, а карактеристични се и извајаните странични делови.
Внатрешноста исто така импресионира. Со заоблениот кластер на инструменти се става јасен фокус на возачот, а централно поставениот 10,9-инчен инфозабавен систем и дополнителниот патнички дисплеј се комбинирани за да формираат интегриран стаклен опсег во долгиот преден панел.