Porsche Vision Renndienst концептот нуди футуристички ентериер
Компанијата Porsche го претстави Vision Renndienst концептот минатата година, а сега ги објави и првите фотографии од ентериерот
Porsche кон крајот на минатата година се пофали со концепт за електрично комбе наречен Vision Renndienst, а сега конечно објави и фотографии од тоа како моделот изгледа во ентериерот. Иако речиси и да не постоеја дилеми дека внатрешноста ќе биде уникатна и интересна, сепак истата е дизајнирана со фокус на автономното возење.
Опишана како „патешествие далеку во иднината на мобилноста“, внатрешноста на Vision Renndienst има централно поставено возачко седиште кое може да се ротира за 180 степени кога електричното комбе е во самовозачки режим. Сепак, тука е и трикракиот управувач доколку возачот одлучи да ја преземе контролата, а пред него се наоѓа и минималистичката контролна табла со дигитален инструмент кластер.
На двете страни од инструмент панелот се наоѓаат неколку прекинувачи, како и двата дигитални екрани кои се поставени да висат под контролната табла и претставуваат инфозабавни системи за патниците од вториот ред. Инаку, вториот ред е сочинет од две карбонски спортски седишта кои се исти како и предното седиште, а зад нив се наоѓа клупа благодарение на која капацитетот на возилото достигнува до шест лица и има заоблени страни кои им овозможуваат на патниците од задниот ред да се насочат едни кон други.
Концептот нема да влезе во производство
Уште еден интересен детал се асиметричните странични прозорци. Додека на едната страна се наоѓаат големи прозорци со широк преглед и без никакви пречки, спротивната страна е во најголем дел покриена со цел да се постигне чувство дека Porsche Vision Renndienst е како „заштитна капсула“. Сепак, затворената страна е опремена со дигитална „контролна лента“ и инфозабавни екрани.
Покрај тоа што го открија ентериерот, дизајнерите на Porsche говореа околу тоа што замислуваат за иднината. Конкретно, главниот дизајнер Михаел Мауер истакна дека компанијата претпоставува дека нивните купувачи нема да сакаат да го елиминираат управувачот, дури и кај автономните возила.
Porsche нема намера да го внесе Vision Renndienst концептот во производство. Едноставно, станува збор за стилска вежба која треба да го предвиди возможното.