fbpx

Премиера на новиот Lexus NX

Lexus ја започнува својата офанзива на нови модели со лансирањето на новата генерација на својот кросовер наречен NX

Јапонскиот производител најави своја офанзива со лансирање на 20 нови или унапредени возила до 2025 година, а оваа офанзива започна со претставувањето на новиот NX. Со сосема нов дизајн, Lexus NX пристигнува со целосно нова предница со ревидирана решетка која му дава нов изглед на автомобилот. Околу решетката се наоѓаат вертикалните отвори за воздух и редизајнираните фарови со интегрирани дневни светла.

Lexus направи промени и на каросеријата, а задниот дел останува препознатлив, но добива LED задни светла кои се протегаат по целата ширина на возилото. Внатрешноста добива целосно нов изглед и добива материјали со повисок квалитет и модерен дизајн.

Реосмислен ентериер

Зад управувачот се наоѓа 7-инчниот дигитален инструмент, а веднаш до него новата генерација на инфозабавниот систем познат како Lexus Link Connect, а доаѓа со 9,8 инчи, додека во понудата ќе се најде и поголемиот, 14-инчен екран на допир. Под него се наоѓаат неколку физички команди кои ја олеснуваат целата функционалност. Новиот Lexus NX пристигнува и со унапредени предни седишта кои пристигнуваат со греење како стандарден дел од опремата.

Една од поинтересните ставки е електричното заклучување на вратата. Имено, за истата да се отклучи, доволно е да се изврши притисок на рачката за отворање на вратата, но поради безбедност задржана е и опцијата за механичко отворање на вратата во случај на потреба. Електрониката може присилно да го блокира обидот за отворање на вратата во случај на детектирана опасност.

Комплетните детали ќе бидат објавени пред лансирањето, но NX ќе може да биде опремен со голем број опции, вклучително и панорамски стаклен покрив и дигитален внатрешен ретровизор. Купувачите исто така ќе можат да добијат и 10-инчен head-up екран и греење за задните седишта.

Нова платформа

Димензиите на кросоверот едвај и да се променети, па возилото во ширина и должина порасна за два сантиметри, односно сега е 4.660 милиметри долг и 1.865 милиметри широк, а висината е зголемена на 1.650 милиметри. Меѓуосовинското растојание е зголемено за 2.690 милиметри. Поголемите димензии се благодарение на модуларната архитектура GA-K (TNGA платформата). Најголемиот достапен пречник на тркалата во оваа генерација е 20 инчи, додека каросеријата нуди поголема цврстина благодарение на употребата на напреден и ултра-ригиден челик.

Очекувано, новиот модел ќе пристигне со голем број на безбедносни и системи за асистенција на возачот, а секако најмногу се истакнува автопилотот, односно Lexus Safety System+, кој пристигнува со адаптивен темпомат, помош за оддржување на коловозната лента, препознавање сообраќајни знаци, а за ноќни услови предвидена е помош на камери и радари.

Под хаубата ќе има широк избор на мотори. Базичната верзија ќе го носи називот Lexus NX 200 кој ќе користи 2,0-литарски атмосферски бензинец со 150 КС. Следен во понудата е Lexus NX 250 кој користи атмосферски 2,5-литарски четрицилиндерски агрегат кој испорачува 206 КС и 249 Nm максимален вртежен момент. Истиот пристигнува во комбинација со осумстепен автоматски менувач. Над него е варијантата Lexus NX 350 кој добива 2,4-литарски турбо агрегат со 279 КС и 430 Nm, а го користи и истиот автоматски менувач кој е спомнат погоре.

Прв plug-in хибрид на Lexus

Хибридниот Lexus NX 350h ќе биде глобален модел и го комбинира 2,5-литарскиот атмосферски мотор и електромотор. За трансмисијата е задолжен електромеханичкиот варијатор. Погонот е на предните тркала, додека достапна е верзија со интегрален погон, каде едниот мотор е поставен позади. Вкупната моќност изнесува 244 КС, а спринтот до „стотка“ се достигнува за 7,7 секунди.

На врвот на понудата е NX 450h+ кој е првиот plug-in хибриден модел на Lexus. Погонскиот склоп е идентичен како оној кај базичниот хибрид, но електромоторот кој е монтиран на предната оска во овој случај е помоќен. Како резултат на подобрувањата, вкупната моќност изнесува 306 КС. Во чисто електричен режим овој Lexus NX може да патува до 63 километри, а максималната брзина е 135 километри на час. Во хибриден режим на работа, забрзувањето до 100 км/ч се достигнува за шест секунди. Оваа варијанта во базичниот пакет на опрема користи елементи карактеристични за F Sport моделите, а тоа носи и модифицирани каросериски додатоци.

Lexus NX

Системот за пренос на силата на сите четири тркала е перманентен, и покрај тоа што ниту една верзија не поседува диференцијал. Кај бензинските верзии задната оска и понатаму е поврзана со спојка, додека кај хибридите, задниот електромотор се вклучува при секое поаѓање.

Lexus не ги објави цените за новиот NX и истите ќе бидат објавени како што ќе се наближува лансирањето на пазарот, а производството ќе започне во третиот квартал од годината.

Поврзани вести

Back to top button