Премиера за 296 GTB, plug-in хибриден Ferrari со V6 мотор
Ferrari го претстави својот прв шестцилиндричен мотор уште од 70-тите години на минатиот век со претставувањето на новиот 296 GTB
По подолго време Ferrari има шестцилиндричен мотор во својата понуда, но не станува збор за Dino, туку новиот 296 GTB. Италијанската марка се фокусира и на иднината, па така и нивниот нов модел пристигнува со хибриден погон.
Конкретно, новиот 296 GTB, пристигнува со 2,9-литарски битурбо V6 мотор во комбинација со plug-in хибриден систем кој испорачува вкупно 830 КС и 740 Nm максимален вртежен момент. Од Ferrari истакнуваат дека спринтот до „стотка“ се достигнува за само 2,9 секунди. Максималната брзина, пак, надминува 330 километри на час. Иако можеби шестцилиндричниот мотор звучи како чекор наназад во однос на F8 Tributo, сепак тоа не е случај. Пред се благодарение на plug-in хибридниот систем. Кога станува збор за моторот со внатрешно согорување, треба да се истакне дека е целосно нов агрегат. Самиот мотор испорачува 663 КС, а кога на тоа ќе се додаде и моќноста на електромоторот, се доаѓа до заклучок дека 296 GTB е далеку помоќен од F8 Tributo или од својот најголем конкурент, McLaren Artura.
Хибридниот систем, пак, е сочинет од единечен електромотор кој испорачува 164 КС и 314 Nm и е поставен меѓу конвенционалниот мотор и осумстепената трансмисија. Под подот е поставена батерија од 7,45 kWh, a возилото добива и чисто електричен режим на возење. Од Ferrari истакнуваат дека во ваквиот режим 296 GTB може да помине 25 километри.
Кога станува збор за самиот назив на возилото, истиот ја означува големината на моторот (2,9-литарски агрегат) и бројот на цилиндри. Тука е и GTB суфиксот кој означува Gran Turismo Berlinetta. Од друга страна, дизајнот влече корени од поголемиот SF90, како и класичниот 250 LM на Ferrari од 60-тите години.
Италијанската компанија посвети големо внимание да ја намали тежината на возилото која се добива со додавањето на хибридниот хардвер. Покрај намалувањето на двата цилиндри, Ferrari 296 GTB е 46 милиметри пократок од F8 Tributo и има 50 милиметри помалку меѓуоскино растојание. Така, вкупната тежина изнесува 1.470 килгорами, што е 35 килограми повеќе од F8 Tributo.
Сепак, постои опција за полесна верзија. Исто како и кај SF90, така и 296 GTB е достапен со опционален Assetto Fiorano пакет. Истиот нуди Multimatic амортизери, карбонски делови на каросеријата, композитно задно стакло и Michelin Cup 2 R пневматици со кои тежината се намалува за 12 килограми. Може да се намалат и дополнителни седум килограми ако се изберат опционалните карбонски тркала.
Задниот активен спојлер придонесува за вкупно 360 килограми потисна сила при 250 км/ч, а притоа комплетниот дизајн останува почист. Ентериерот е едноставен и е фокусиран кон возачот, без огромни екрани на допир потавени на централната конзола. Дури и формата на контролната табла е потсетник на оригиналниот Dino од седумдесеттите.
Дел од работите кои пристигнуваат кај 296 GTB, како што е новиот V6 мотор, но и plug-in хибридниот систем, се очекува да се појават и кај новиот Purosangue, првиот SUV на Ferrari кој треба да дебитира во 2022 година.