Премиера за Cayenne Turbo GT, најбрзиот Porsche SUV модел
Porsche премиерно го покажа својот најнов додаток во Cayenne Coupe поставата, претставувајќи го новиот Cayenne Turbo GT
Германската марка Porsche го претстави најбрзиот SUV во својата понуда, а станува збор за моделот Cayenne Turbo GT, кој иако од своето име го отфрла називот Coupe, сепак станува збор за верзија која е ексклузивна за оваа варијанта на возилото. Исто така, Turbo GT е највисоко поставениот модел во поставата на Cayenne, сместувајќи се над Turbo и S E-Hybrid.
Претставувањето пристигнува само една недела пред првото јавно прикажување на Cayenne Turbo GT, кое ќе се одржи на Goodwood фестивалот на брзната од 8 до 11 јули. Новиот автомобил ќе биде најбрзиот продукциски Cayenne некогаш направен и еден од најбрзите SUV модели на пазарот.
Cayenne Turbo GT го добива истиот 4,0-литарски битурбо V8 мотор кој го напојува Turbo Coupe, но добива поголема моќност за 90 КС, со што вкупната моќност изнесува 640 КС, додека максималниот вртежен момент е зголемен за 80 Nm и вкупниот максимален вртежен момент сега изнесува 850 Nm.
Зголемената моќност не е само резултат на едноставно ремапирање. Наместо тоа, Porsche го креираше најпотентниот осумцилиндричен мотор во понудата денес со ревидирање на турбото, интеркулерот, индукторот и коленестото вратило. Освен тоа, Turbo GT добива и полесен издувен систем од титаниум.
Моторот прирстигнува со осумстепен Tiptronic автоматски менувач, со ревидиран софтвер за системот за погон на сите четири тркала и дополнително разладување, а резултатот е побрз и пореспонзивен менувач.
Инаку, Turbo GT од нула до „стотка“ стигнува за 3,3 секунди. Тоа е побрзо во однос на 3,8-те секунди на E-Hybrid, или 3,9-те секунди на Turbo Coupe. Максималната брзина исто така е поголема, бидејќи Cayenne Turbo GT може да достигне до 297 километри на час. Благодарение на ова е најбрзиот Cayenne во понудата.
Овој модел е поставен 17 милиметри пониско во однос на Turbo Coupe. Освен тоа, Porsche вели дека секој елемент од шасијата и активните контролни системи добиваат фино тјунирање специјално и конкретно за овој модел. Исто така, воздушниот систем за потпирање е 15 проценти покрут. Останатите системи кои Porsche ги применува кај Cayenne се фино подесени за Turbo GT, вклучително и менаџментот за активниот систем на потпирање (PASM), динамичната контрола на шасијата (PDCC), Power Steering Plus и управувањето на задната оска.
Новиот Turbo GT не го претставува Cayenne фејслифтот кој се очекува, а наместо тоа пристигнува со неколку унапредувања на екстериерот. Тука се вклучени GT предницата со поголеми отвори за воздух и преден спојлер. Исто така, како опција е достапна новата боја наречена Arctic Grey. Покрај тоа што е поставен пониско, Turbo GT „лежи“ и на 22-инчни GT дизајнирани тркала од лесна легура. Покривот е направен од карбон, исто како и страничните прагови, големиот GT заден спојлер и задниот дифузер.
Кабината е обложена со Алкантара, спортски седишта и GT перфрорирани панели. Главниот додаток, сепак, е претставувањето на унапредениот инфозабавен систем на Porsche, кој дебитира кај Cayenne Turbo GT. Се одликува со подобрени перформанси, вклучително и Android Auto кој се приклучува на Apple CarPlay функционалноста.