Премиера за новата BMW Серија 2
BMW конечно и официјално ја претстави новата генерација на Серија 2 во пресрет на официјалното деби на Goodwood Festival of Speed
Новата BMW Серија 2, по серијата шпиунски фотографии, конечно го забележа своето деби. Со модерен дизајн и ретро димензии, но и без контроверзната голема предна решетка која ја краси Серија 4, новата „двојка“ пристигнува со нешто поконвенционален изглед благодарение на новите предни светла и остриот дизајн на отворите за воздух.
BMW се потруди новата Серија 2 да не се одликува со пренагласени детали кои ќе привлечат внимание и ќе предизвикаат контроверзи како што беше случајот со некои други нови модели, па одлучи да оди со еден потрадиционален изглед, без многу експерименти. Моделот се одликува со нагласени сводови над тркалата и порационализиран дизајн на каросеријата. На задниот дел се наоѓа и пократкиот багажник со интегриран спојлер. Меѓу останатите одлики тука се и карактеристичните задни светла, нагласениот заден браник и мал дифузер во M Sport варијантите.
Поголеми димензии
Кога станува збор за димензиите BMW 230i е 4.547 милиметри долг, 1.839 милиметри широк и 1.392 милиметри висок со меѓуосовинско растојание кое се протега на должина од 2.741 милиметри, што значи дека новата Серија 2 е поширока, повисока и подолга, но и со поголемо меѓуоскино растојание од претходно, а тоа овозможува поголем простор во внатрешноста. Истовремено, може да се каже дека димензиите на новото купе можат да се споредат со димензиите на Серија 3 од генерацијата Е90. Покрај габаритот на каросеријата, порасна и трагот на тркалата, па во базичното издание тој е поголем за 54 милиметри напред и 31 милиметар назад. Торзионата цврстина на каросеријата е за 12 проценти поголема, а потисокот на предната осовина во овој случај е преполовен.
Токму во внатрешноста BMW обрна особено внимание и сега Серија 2 пристигнува со значително подобра кабина која се одликува со материјали од повисок квалитет и помодерен дизајн. Моделот пристигнува со 8,8-инчен инфозабавен систем во стандардно издание, но може да биде опремен со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер и поголем 10,25-инчен екран од инфозабавниот систем. Возачите исто така ќе го најдат и Intelligent Personal Assistant системот кој реагира на природни гласовни команди и учи некои рутини како автоматско спуштање на возачкото стакло. Како опција може да се избере и head-up екран, а спортските седишта се стандарден дел од опремата. Опциониот стаклен панорамски покрив сега има поголема површина, но капацитетот на багажникот не е менуван и истиот изнесува 390 литри.
Четири варијанти
Инаку, треба да се напомене дека новото купе нема апсолутно никаква врска со моделот со четири врати од истата Серија 2 која ја носи ознаката Gran Coupe. Имено, седанот е поставен на UKL2 архитектурата наменета за возила со погон на предните тркала, додека за ова купе е сочуван класичниот концепт со речиси подеднаков распоред на тежината.
Стандардниот мотор, кој се наоѓа под хаубата на 220i, е 2,0-литарскиот турбо четирицилиндричен агрегат кој испорачува 184 КС, додека кај 230i верзијата со истиот мотор моќноста се искачува на 258 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Од друга страна, M240i се напојува со 3,0-литарскиот турбо шестцилиндричен мотор кој има моќност од 387 КС и 500 Nm. Оние кои се љубители на дизелот не се заборавени, па во понудата се наоѓа и 220d со 2,0-литарски агрегат и 190 КС во комбинација со систем на 48-волтен благ хибрид кој додава 11 КС во првите секунди при забрзувањето.
Сите мотори пристигнуваат со осумстепен автоматски менувач и погон само на задните тркала, додека перформансната M240i пристигнува со ознаката xDrive, што значи и погон на сите четири тркала. Оваа верзија поседува и самозаклучувачки заден диференцијал, а истиот може да се добие и кај 230i со соодветна доплата. Најмоќната верзија на новата Серија 2 од нула до „стотка“ стигнува за 4,3 секунди, а максималната брзина е ограничена на 250 километри на час.
BMW засега не ги открива цените за новата „двојка“, а моделот ќе се склопува во Мексико. Почетокот на продажбата е закажан за 2022 година.