fbpx

Премиера за новата генерација на BMW Серија 7 и електричниот i7

BMW ја претстави целосно новата, седма генерација на својот знаменосец, Серија 7, која пристигнува заедно со првата електрична варијанта наречена i7

Со нов изглед и дизајн кој повторно ќе привлече големо внимание, новата генерација на BMW Серија 7 го забележа своето официјално деби. Она што треба да се напомене уште од самиот старт е дека во Европа новата Серија 7 ќе биде лансирана ексклузивно во форма на целосно електричен модел под името BMW i7 xDrive60, додека останатите верзии со мотор на внатрешно согорување на почеток ќе се продаваат во Северна Америка, Кина и други селектирани региони.

Погонот на новиот i7 xDrive 60 е сочинет од два електромотори, по еден на секоја оска. Моторот кој ги придвижува предните тркала испорачува 259 КС, додека вториот има максимална моќност од 312 КС. Севкупно, системската моќност е 544 КС и 744 Nm вртежен момент.

BMW i7

Во Европа (на почеток) ќе се вози само на струја

Самите електромотори ги отфрлаат перманентните магнети и наместо тоа се „електрични синхрони мотори“. Од BMW велат дека новите мотори не користат ретки земјени материјали, а електромоторот кај i7 има и унапредена акустика. Од нула до стотка i7 xDrive 60 стигнува за 4,7 секунди, пред да достигне максимални 240 километри на час, што е нешто побрзо во однос на 3,0-литарскиот шестцилиндерски 740i со 380 КС, додека е побавен во однос на 760i xDrive со V8 мотор.

BMW i7

Пред целосно да се разочараат автомобилските ентузијасти, BMW мисли и на оние кои се уште веруваат во моторите на внатрешно согорување. Во согласност со тоа, баварската марка во Европа, на пролет 2023 година во поставата ќе го додаде и BMW 740d xDrive, шестцилиндерскиот дизел со 300 КС. По ова во поставата ќе се приклучат и plug-in хибридните варијанти, кои ќе понудат опсег на движење од 80 километри во чисто електричен режим, додека целосно електричниот i7 ќе добие и знаменосец во видот на M70 xDrive верзијата со 660 КС.

Дизајн кој привлекува

Како и новиот X7, новиот i7 добива џиновска решетка на предниот дел во комбинација со минимален сет на фарови, барем таков е првичниот впечаток. Всушност, горниот сет на светла се исклучиво дневни, додека главните фарови се нешто потскриени во пределот на браникот. Кога ќе се погледне од профил, забележливи се и некои други промени, пред се кај рачките од вратата, како и хромираните елементи на C столбот. Најновата Серија 7 е најголемата досега и порасна за 126 милиметри во должина која сега изнесува 5,4 метри. Меѓуоскиното растојание сега изнесува 3,2 метри, што е за 5 милиметри повеќе од лани.

Најголемите промени се направени во кабината. Покрај Digital Key отклучувањето со помош на паметен телефон и опционалната способност за автоматско отворање и затворање на вратите, во кабината се наоѓа и заоблениот дигитален екран кој одлично ги вклопува дигиталниот инструмент кластер и инфозабавниот екран со најновиот iDrive 8 софтвер.

Приватно кино за задните патници

Тука е помалиот, редизајниран менувач за автоматската трансмисија на конзолата, нешто што веќе беше видено кај X7, но она што е новитет е Interaction Bar, лентата чувствителна на допир која се протега долж контролната табла и овозможува амбиентално осветлување а истовремено има и виртуелни копчиња за голем дел од функциите на возилото.

BMW i7

Но, за голем дел од сопствениците на Серија 7 најважно е она што се случува на задниот дел. Најголемата новина таму е новиот опционален 31-инчен Theater Screen екран кој е прикачен на покривот. Кога патниците ќе го активираат Theater Mode, остатокот од автомобилот се трансформира во приватно кино, екранот со Amazon Fire и 4К способности се спушта, завесите за заштита од сонцето се креваат, а седиштата и осветлувањето се подесуваат автоматски со цел да ви овозможат максимално уживање. Задните седишта можат да се навалат за импресивни 42,5 степени, што значи дека комфорот е загарантиран.

BMW i7

Повеќе удобност, повеќе автономија

Задните патници исто така добиваат и 5,5-инчни Touch Command дигитални екрани на вратите кои изгледаат како мали паметни телефони кои овозможуваат патниците да командуваат со различни функции, вклучително и телефонски повици. Комуницирањето е олеснето со опционалните звучници во потпирачите за глава.

Без оглед дали седите напред или назад, купувачите добиваат стандарден воздушен систем на потпирање и адаптивни амортизери, додека опционалното управување на задните тркала може да го намали вртечкиот круг за 0,8 метри.

Но, најдобриот доказ за насоката кон која новата Серија 7 со својот i7 xDrive 60 се движи е тоа што автомобилот може да се вози без раце при брзини до 130 километри на час ако е опремен со опционалниот Driving Assistance Professional Package.

Батерија, опсег и полнење

Новиот i7 има капацитет на батеријата од 101,7 kWh користлива енергија, а од BMW велат дека луксузниот електричен седан има опсег на движење од 483 километри според WLTP. Кога станува збор за полнењето, истото може да се одвива со капацитет од 195 kW, што според баварската марка може да наполни 130 километри за само 10 минути. Иако со овие бројки BMW заостанува зад главните конкуренти, предноста која ја има i7 во однос на конкуренцијата е во технолошките бенефиции. На пример, тука е адаптивната рекуперација која се наоѓа кај BMW iX и i4 која е унапредена да ги следи семафорите и да ги детектира надолнините. Регенерацијата автоматски се зголемува кога се доближува до некој свиок, или моќноста се исклучува од моторите кога возилото се движи по надолнина.

BMW i7

BMW исто така го оптимизираше и софтверот за полнење. Така, температурата при брзо полнење е попрецизно контролирана, продолжувајќи го севкупниот живот на батеријата. Додека се полни, софтверот ги менува фазите на целосно и делумно ладење во обид да го намали стресот на батеријата и батериските ќелии и да го намали времето на полнење. Кога батеријата ќе достигне повисоко ниво на полнење, полнечкото ниво се намалува постепено, наместо нагло намалување како што претходно беше случајот.

Преднарачките се очекува да бидат отворени наскоро, а глобалното лансирање на новата генерација на BMW Серија 7, заедно со i7 ќе се одржи во ноември годинава.

Поврзани вести

Back to top button