fbpx

Премиера за новата Škoda Fabia

Чешкиот производител Škoda официјално ја претстави најновата генерација на Fabia која пристигнува со поголем простор, напредна технологија и поголема моќност

Базирана на MQB A0 платформата, четвртата генерација на субкомпактниот хечбек ја доживеа својата премиера. Новата Škoda Fabia добива поголема моќност, поголем инфозабавен екран во внатрешноста, напредни возачки и системи за асистенција.

Поголеми димензии

Во споредба со својот претходник, новата Fabia драстично се разликува во секој поглед. Како што може да се очекува од Škoda, новата Fabia e поголема од своите „браќа“ од Volkswagen групацијата, со што се добива поголема пространост во ентериерот и врвна практичност. Со должина од 4.108 милиметри, хечбекот сега е 111 милиметри подолг од претходно. Најголем бенефит од продолжувањето има меѓуосовинското растојание кое е за 94 милиметри подолго од претходно, односно изнесува 2.564 милиметри.

Škoda Fabia

Градскиот автомобил добива и за 50 литри поголем багажен капацитет од претходно (380 литри), а со поклопување на задната клупа капацитетот се искачува на 1.190 литри. Целосно новата каросерија исто така е поатрактивна и поаеродинамична од претходно, со оглед на тоа дека коефициентот на воздушен отпор е намален од 0.32 на 0.28 со што се унапредува потрошувачката на горивото.

Нови дизајнерски елементи на екстериерот

Škoda одлучи да воведе и нови Orange Sunset и Graphite Grey бои во понудата, заедно со нови 18-инчни тркала. Во највисоките нивоа на опременост, новата Fabia ќе се нуди со Black Magic или Graphite Grey боја на покривот, капаците од ретровизорите и рамката на предната решетка. Исто така, во овие верзии Fabia ќе добие Full LED светла напред и назад, како и панорамски стаклен покрив. Во решетката се наоѓа радар кој помага за безбедносните и системите за асистенција, како и сензорите за Park Assist кој функционира до брзина од 40 километри на час и го презема управувањето.

Škoda Fabia

Редизајниран ентериер

Ентериерот е целосно редизајниран во однос на претходникот и својата инспирација ја влече од моделите Scala и Kamiq. Новата Fabia конечно го добива и 10,25-инчниот дигитален инструмент кластер на компанијата и екран на допир од инфозабавниот систем со големина од 9,2 инчи, додека како стандард ќе се нуди 6,8-инчниот екран на допир. Дигиталниот инструмент кластер за прв пат се наоѓа кај Fabia, а возачите ќе можат да изберат меѓу четири различни графички прикази.

Меѓу останатите додатоци кои Fabia ги добива за прв пат е двозонскиот клима-уред, греењето на управувачот, греењето на предното стакло, LED амбиентално осветлување и централни отвори за вентилација за задните седишта. Исто така, патниците на задната клупа добиваат и потпирач за рака, нешто што е вистинска реткост во компетитивниот B сегмент. Со новата платформа, новата генерација на Škoda Fabia добива и потивка кабина благодарение на направените аероакустични симулации со кои се детектираат и елиминираат изворите на бучава.

Широка моторна постава

Опсегот на моторни единици ги вклучува веќе познатите агрегати. Понудата започнува со 1,0-литарскиот трицилиндерски мотор кој се нуди со 65 или 80 КС и со 93 Nm максимален вртежен момент кои се пренесуваат на тркалата исклучиво преку петстепен мануелен менувач. Во ваква поставка, спринтот до „стотка“ се стигнува за 15,5 секунди, а максималната брзина е 172 километри на час, односно 15,1 секунда и 179 километри на час кај нешто помоќниот мотор.

По него следува 1,0-литарскиот турбо мотор со моќност од 95 КС и 175 Nm исто така со петстепен мануелец. Во овој случај од 0 до 100 км/ч се стигнува за 10,6 секунди, а максималната брзина е 195 километри на час. Помоќната верзија на истиот мотор доаѓа со 110 КС и 200 Nm и може да се добие во комбинација со шестстепен мануелец или опционален седумстепен DSG менувач. Во оваа варијанта потребни се 9,5 секунди (со DSG менувач) за да се стигне до 100 км/ч, пред да се достигне максималната брзина од 205 километри на час.

На врвот се наоѓа четирицилиндерскиот 1,5-литарски TSI со 150 КС и 250 Nm, кој ќе се нуди само со DSG. Во оваа поставка хечбекот од нула до „стотка“ стигнува за 7,9 секунди, а максималната брзина е 225 километри на час.

Без дизел агрегати

Како што е познато од претходно, дизел моторите ќе ги нема во понудата, но исто така изостануваат и електрифицираните погони. Добрата страна е што сите бензински агрегати се дел од Evo семејството. Благодарение на ова, потрошувачката се намалува за 0,2 литри на 100 километри при константна брзина од 120 километри на час. Аеродинамичните тркала исто така ја играат својата улога со цел да се максимизира користењето на горивото.

Škoda не ги заборава ниту своите препознатливи Simply Clever додатоци, па така Fabia ќе пристигне со дури 43 практични ситници. Вториот најпродаван автомобил на Škoda ќе добие своја караванска изведба во 2023 година. Продажбата на новата генерација на Fabia ќе започне во текот на оваа година, а почетната цена на некои европски пазари ќе изнесува околу 14.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button