Премиера за освежениот Peugeot 308

Peugeot официјално го претстави освежениот 308, кој со срединска надградба добива нов дизајн, унапредена технологија и проширена понуда на погонски системи. Иако светот е опседнат со SUV модели, компактните хечбек и караван верзии сè уште имаат силна база во Европа, а токму на таа традиција францускиот производител продолжува да гради.
Нов преден дизајн и препознатлив светлосен потпис
Актуелната генерација на Peugeot 308 беше претставена во 2021 година, а четири години подоцна пристигнува и нејзиното прво освежување. Најголемите измени се гледаат напред, каде што моделот се откажува од препознатливите LED „заби“ и добива нова маска со поделени предни светла. Горниот дел е резервиран за тенките LED „канџи“, додека долгите светла се сместени во црните влошки на новиот браник.
За првпат, Peugeot ќе понуди и осветлен амблем, елемент што ќе стане дел од сите идни модели. Во зависност од изведбата, Allure доаѓа со целосни LED светла, додека GT и GT Premium добиваат Matrix LED технологија со динамични трепкачи.
Дизајнерите одлучија да не вградуваат LED лента по целата ширина на предниот дел, туку да додадат тенки светлосни линии над решетката во боја на каросеријата. Дополнителни измени се забележуваат кај новите 17 и 18-инчни алуминиумски фелни, новите нијанси Lagoa Blue за хечбекот и Ingaro Blue за караванот SW, како и кај задниот дел каде што сите верзии сега добиваат LED светла со препознатливиот Peugeot потпис.
Кабина со подобрени материјали и технологија
Внатрешноста и понатаму го користи добро познатиот i-Cockpit, со дигитален 10-инчен инструментален панел и централен инфотејнмент екран. Освежувањето носи нови 3D графики, Alcantara тапацир кај GT и GT Premium верзиите, а за повисоките нивоа на опрема се достапни и амбиентално осветлување во осум бои, Focal Premium аудио систем со 10 звучници, како и седишта со функција за масажа. Инфотејнмент системот сега поддржува и OTA (over-the-air) надградби, што значи дека може да се ажурира без посета на сервис.
Peugeot нагласува дека кај производството на новиот 308 се користат 31% рециклирани и обновливи материјали, со што моделот добива еколошка предност во однос на дел од конкурентите.
Простор и практичност кај верзијата SW
За љубителите на практичноста останува достапен и 308 SW караванот, кој нуди меѓу 598 и 1.487 литри багажник во зависност од позицијата на седиштата. Дополнително, задната клупа има конфигурација 40:20:40, а задната врата може да биде електрична, што го прави моделот уште пофункционален за семејна употреба.
Дизелот останува во понудата
И покрај трендот на постепено напуштање на дизелите, Peugeot 308 и понатаму ќе биде достапен со 1.5-литарски BlueHDi четирицилиндерски турбодизел мотор со 130 КС, кој стандардно доаѓа во комбинација со 8-брзински автоматски менувач.
Голем новитет во понудата е благ хибридниот систем со 1.2-литарски турбо бензинец и интегриран електромотор, кој испорачува 143 КС. Peugeot тврди дека овој погон овозможува до 50% возење во електричен режим при урбани услови, што го прави значително поекономичен и поеколошки избор.
Повеќе технологија носи Plug-in Hybrid верзијата, која комбинира 1.6-литарски турбо бензинец и електромотор за вкупна моќност од 192 КС. Системот вклучува и батерија со капацитет од 17,2 kWh, која овозможува електрична автономија до 85 километри според WLTP циклусот.
Врвот на понудата е целосно електричната E-308, со електромотор на предната оска кој испорачува 154 КС и 58,4 kWh батерија. Благодарение на подобрената ефикасност на погонскиот систем и батеријата, автономијата е зголемена на 452 километри со едно полнење – 37 км повеќе од претходната верзија. Со DC брз полнач од 100 kW, батеријата може да се наполни од 20 до 80% за само 32 минути. Дополнителен плус е поддршката за V2L (vehicle-to-load) технологија, која со адаптер овозможува напојување на надворешни уреди.
Освежениот Peugeot 308 ќе биде достапен на европските пазари од есента 2025 година, а производството продолжува во фабриката во Мулхаус, Франција.