fbpx

Премиерно претставен европскиот Ford Ranger Raptor

Ford го претстави Ranger Raptor во Европа во август 2018 година и сега го заменува својот препознатлив пикап со новата генерација

Ford ја претстави новата генерација на Ranger Raptor развиена од страна на Ford Performance, со оглед на тоа дека оваа верзија го нуди ултимативниот микс на перформанси и оф-роуд способности. Новиот Ranger е третиот додаток во актуелното семејство на Raptor, покрај поголемиот F-150 Raptor и Bronco Raptor. Инаку, Европа добива свој посебен модел, кој е нешто послаб кога станува збор за моќноста во однос на австралиската верзија која исто така денес ја доживеа својата премиера, додека Северна Америка ќе добие своја Ford Ranger Raptor верзија како дел од семејството на Ranger 2023 кое ќе биде претставено следната година.

Нагласена атлетска става и премиум ентериер

Почнувајќи со дизајнот, Raptor многумина ќе го видат како „набилдана“ верзија на обичниот Ranger, или пак како пософистицирана верзија на својот „помал брат“ F-150 Raptor. Нагласените сводови над тркалата на предниот и задниот дел ги покриваат пошироките траги и новите 17-инчни тркала обложени со масивни 32-инчни пневматици за сите терени, а притоа зголемен е и клиренсот. Исто така, моделот добива и специјални браници со плочи за заштита на подвозјето, алуминиумски странични скали, решетка со Ford натпис и налепници Raptor. Заштитата на долниот дел од каросеријата е подобрена со поголема цврстина со дебелина од 2,3 инчи, плус дополнителни заштити за моторот и кутијата од менувачот.

Во внатрешноста, Ford Performance додаде пар спортски седишта инспирирани од воените авиони кои нудат поголема поддршка за возачот и совозачот. Меѓу останатите уникатни карактеристики тука се црвените конци, греење за управувачот кој е обложен со премиум кожа, магнезиумски лопатки за менување брзини и амбиентално осветлување. Како дел од стандардната опрема се и Matrix LED фаровите, 12,4-инчниот дигитален инструмент кластер, големиот 12-инчен централен екран на допир со Ford SYNC4 инфозабавен систем и B&O аудио систем со 10 звучници.

Нов мотор под хаубата

Ford Ranger Raptor и понатаму ќе биде достапен со 2,0-литарскиот четирицилиндричен дизел на својот претходник, сепак главната карактеристика на новата генерација е новиот битурбо 3,0-литарски V6 бензинец кој ќе нуди значително подобри перформанси. Европската спецификација на овој мотор испорачува 288 КС и 491 Nm максимален вртежен момент. Од друга страна, истиот мотор во Австралија испорачува 397 КС и 583 Nm, а од Ford велат дека причината за намалената моќност на Стариот континент е поради строгите регулативи за штетни емисии. Како и претходно, моќноста на моторот се пренесува на патот благодарение на десетсетепниот автоматски менувач.

Ford Ranger Raptor

Иако од Ford не дадоа конкретни детали околу перформансите, сепак ветуваат дека новиот мотор ќе донесе „поинаква динамика кај Ranger Raptor кој ќе ги задоволи дури и најтврдокорните перформансни ентузијасти. Ford Ranger Raptor во Европа добива постојан систем за погон на сите четири тркала со електронски контролирана двостепена трансферна кутија. Постојат заклучувачки диференцијали напред и назад, заедно со седум режими на возење – Normal, Sport, Slippery, Rock Crawl, Sand, Mud и Baja.

Како што може и да се очекува од еден Raptor, знаменосецот во поставата на Ranger добива покрут систем на потпирање за уште подобри способности надвор од асфалтираните патишта. Моделот добива посилни алуминиумски горни и долни контролни рамена заедно со унапреден Watt линк систем позади. Ford ќе инсталира и Fox 2,5-инчни амортизери со што за двојно се намалува триењето во споредба со претходната генерација. Raptor добива 25 проценти зголемување на силата на амортизација за подобро да се „испеглаат“ ударите. Исто така, Ranger Raptor добива и засилувања на C-столбот, товарниот простор и просторот за резервната гума.

Новата генерација на Ford Ranger Raptor во Европа ќе пристигне до купувачите кон крајот на летото, а дизел верзијата ќе пристигне следната година.

Поврзани вести

Back to top button