fbpx

Премиерно претставен новиот Peugeot 408

Peugeot го прифаќа најжешкиот дизајнерски тренд во моментот за да го создаде новиот купе кросовер со ознаката 408

Peugeot ја користи ознаката 408 од 2010 година во Кина за седан верзијата на хечбекот 308. Сега, истата ознака се пренаменува за европскиот пазар, но за сосема различен модел. Официјално категоризиран како фастбек, новиот 408 наменет за Европа има неконвенционален купе кросовер изглед кој станува тренд и кај мејнстрим производителите.

Peugeot 408

Поставен на најновата итерација на EMP2 платформата на Stellantis која ја дели со глобалниот хечбек и караван 308, но Peugeot тврди дека тоа е пософистициран производ позициониран „на врвот на сегментот C“. Новиот 408 пристигнува со одличен дизајн, комбинирајќи го изгледот на подигнат караван со опаѓачка покривна линија и елегантни линии.

Со должина од 4.687 милиметри, новиот модел е нешто подолг од традиционално обликуваниот 308 SW. Широк е 1.859 мм и висок 1.478 мм, со големо меѓуоскино растојание кое се протега на 2.787 мм. Овие пропорции се исто така речиси исти како оние на караванскиот 308. Големината на тркалата може да достигне и до 20 инчи кои се достапни кај највисоките нивоа на опрема.

Со исправени задни седишта, багажникот може да собере 536 литри или до 1.611 литри со преклопување на истите кај верзијата што се напојува само со мотор на внатрешно согорување. Поради својот поелегантен профил, не може да одговара на практичноста што ја нуди 308, па затоа жртвуван е дел од капацитетот на багажот за дополнителен стил.

Нема што многу да се каже за авангардниот ентериер бидејќи во голема мера е пренесен од 308. Тоа само по себе значи дека кабината изгледа како да е преземена од некој луксузен автомобил. Моделот добива пар екрани од 10 инчи и типично малиот управувач на Peugeot. Звучниот систем Focal со 10 звучници (вклучувајќи сабвуфер) беше развиван во текот на три години специјално за новиот 408.

Peugeot 408

Две plug-in хибридни опции, пристигнува и електрична варијанта

Peugeot првично ќе го продава новиот 408 со избор помеѓу две plug-in хибридни погонски единици. Двете опции се со погон на предните тркала со осумстепен автоматски менувач и електричен мотор со 109 КС. Она што ги издвојува е 1,6-литарскиот бензински мотор со турбо полнач бидејќи има различни нивоа на моќност – од 150 и 180 КС. Со комбинирана моќност на моторот на внатрешно согорување и електричниот мотор, помалиот PHEV испорачува 180 КС и 360 Nm вртежен момент. Помоќната варијанта ја зголемува моќта до 225 КС додека го задржува истиот вртежен момент.

Како алтернатива, постои почетна варијанта со помал трицилиндричен 1,2-литарски бензински мотор кој нуди 130 КС и 230 Nm вртежен момент. И во овој случај моќноста се испраќа на предните тркала преку осумстепен автоматски менувач. Peugeot не планира да понуди дизел, но на повидок е чисто електрична верзија.

Автомобилот треба да се појави на пазарот на почетокот на 2023 година, откако ќе започне склопувањето во Франција во фабриката во Мулхаус. Peugeot има намера да го продаде автомобилот и во Кина со локализирање на производството во фабриката во Ченгду. Електричната варијанта се очекува да пристигне неколку месеци по верзијата со мотор на внатшрено согорување и PHEV варијантите.

Поврзани вести

Back to top button