fbpx

Премиерно претставен новиот Range Rover

Land Rover ја лансира новата генерација на Range Rover која пристигнува со нова платформа, нови мотори, но со препознатлив дизајн

Најпознатиот луксузен SUV влезе во својата нова генерација. Новиот Range Rover пристигнува во својата петта генерација. Новиот модел добива препознатлив изглед со „поиспеглани“ линии благодарение на кои премиум моделот на Land Rover изгледа навистина модерно, а освен тоа, британскиот производител го опреми својот адут со најновата технологија.

Range Rover во својата петта генерација почива на MLA-Flex платформата на Land Rover. Благодарение на ова, купувачите можат да изберат верзија со кратко и долго меѓуоскино растојание, а зависно од нивото на опременост и преференците на купувачот, може да се добие во конфигурација со четири, пет или седум седишта.

Препознатлив, но унапреден дизајн

Дизајнот на новата генерација на луксузниот SUV е еволуција на етаблираниот изглед на моделот, но ги поедноставува работите до елементарните аспекти на изгледот. Range Rover изгледа особено мазно, вклучително и заоблениот раб на вратата кој се претопува со стаклото во своевидна течна транзиција. Овие детали му даваат на големиот модел импресивен коефициент на отпор од само 0,30.

На предниот дел се наоѓаат новите фарови, поплитката решетка и поедноставните, правоаголни долни отвори за воздух на основата на браникот. Профилот е минимално променет, но забележливи се прикриените рачки за вратата и ревидираните жабри на предниот дел од вратите. Претазливиот еволутивен пристап во дизајнот е нагласен и покрај одважниот стајлинг на задниот дел, каде се наоѓаат вертикалните задни светла кои се претопуваат во хоризонталниот црн панел под задниот прозорец.

Кога станува збор за димензиите, новата генерација порасна, а во понудата ги има и најголемите достапни тркала од 23 инчи. Должината сега изнесува 5.052 милиметри, а продолжената верзија добива дополнителни 200 милиметри, додека самото меѓуоскино растојание е продолжено за 75 милиметри.

Широк избор на моторни единици

Купувачите во Европа ќе имаат голем избор кога станува збор за погонските единици, вклучително и два plug-in хибриди, три бензински и три дизел агрегати. Сите Range Rover верзии пристигнуваат со погон на сите четири тркала и заден диференцијал со активно заклучување кое може да го балансира максималниот вртежен момент на задниот дел. Plug-in хибридните варијанти комбинираат 3,0-литарски шестцилиндричен мотор со 38,2 kWh литиум-јонска батерија. Електромоторот со 141 КС е интегриран во трансмисијата, а заедно со бензинскиот мотор испорачуваат вкупно 503 КС кај P510e. Така, оваа верзија од нула до „стотка“ стигнува за 5,6 секунди, а опсегот на движење само на струја е 100 километри. P510e во Европа ќе се нуди само со верзијата со скратено меѓуоскино растојание, а истото важи и за P440e.

Од бензинците, купувачите ќе можат да бираат меѓу P360 кој доаѓа со блага хибридна технологија и P400, a за оние кои преферираат дизел во понудата се D250, D300 и D350. На врвот во понудата се наоѓа новиот бензински мотор P530 битурбо V8 агрегат кој испорачува 530 КС и 750 Nm максимален вртежен момент.

Засега, од Land Rover не откриваат многу детали, но познато е дека Range Rover ќе добие и своја електрична верзија, а истата се очекува да пристигне во 2024 година.

Range Rover

Луксузен и модерен ентериер

Во внатрешноста, возачите пред себе ќе најдат 13,7-инчен дигитален инструмент кластер. На централната конзола се наоѓа 13,1-инчниот инфозабавен екран кој доаѓа со „хаптички фидбек“ како потврда за користење на софтверот. Патниците во задниот дел можат да уживаат во пар 11,4-инчни забавни екрани кои се монтираат на задниот дел од предните седишта. Со достапните Executive Class задни седишта, тука е и 8,0-инчниот екран на допир на централниот потпирач за рацете.

Покрај својата робусност, Range Rover мора да изобилува со луксуз. За да се достигне тоа, Meridian Signature аудио системот со 35 звучници во Autobiography нивото пристигнува и со придушувачи на бучава за да се добие едно потивко и попријатно чувство во кабината. Како што велат од Land Rover, возилото пристигнува и со пар 20-ватни звучници на четирите главни потпирачи за глава со цел да се креира ефект сличен како кај врвните слушалки.

Инаку, луксузниот SUV пристигнува во SE, HSE, Autobiography и SV нивоа на опременост. Тука е и First Edition верзијата на Autobiography која добива Sunset Gold Satin боја на екстериерот која е прикажана во галеријата. SV нивото се наоѓа на врвот, а ќе нуди и неколку дизајнерски теми како SV Serenity, SV Interpid и SV Signature Suite кој ќе се нуди со четири седишта.

На листата на додатоци се приклучуваат и електронското отворање и затворање на вратите, а дури имаат и технологија за избегнување на судир, со цел да спречат евентуално удирање во други автомобили кога ќе ги активирате преку екранот на допир. Во случај да сте некаде на излет и да ве фати мрак, опционалниот Tailgate Event пакет нуди осветлување, аудио карактеристики и кожни перничиња во багажникот.

Унапредени возни карактеристики

Новиот Range Rover е поставен на адаптивен воздушен систем на потпирање со нова задна оска со пет врски која го користи навигацискиот систем за да го подеси автомобилот за различните типови на патишта. Исто така работи со адаптивниот темпомат и асистенцијата за управување за да се добие уште покомфорно чувство при возењето.

Range Rover

Електронски контролираните активни анти-рол барови помагаат да се задржи удобноста при возењето, исто така. Од Land Rover велат дека тие реагираат многу побрзо отколку хидрауличната постава. Системот може да примени до 1.400 Nm вртежен момент врз каросеријата. Новиот Range Rover добива и управување на сите тркала, благодарение на што задните тркала можат да седвижат до 7,3 степени со цел да се унапреди маневрирањето на возилото. Овој систем го прави кругот на вртење помал од 11 метри.

Новиот Range Rover е веќе достапен за нарачки во Европа, а почетната цена на матичниот пазар во Велика Британија изнесува 94.400 фунти.

Поврзани вести

Back to top button