Премиерно претставен освежениот X7 со новиот лик на BMW
По пет години на пазарот, најголемиот, најодважниот и најпродаваниот SUV од Баварија, BMW X7, доби свое темелно освежување
BMW одлучи да го освежи X7 на средина од животниот век, а дизајнерите на баварскиот гигант одговорија со поспортска предница, промени на задниот дел, дополнителна моќност кај базичниот модел и обновена кабина со најновите и најдобрите технологии кои компанијата ги нуди во моментов.
Почнувајќи од дизајнот на екстериерот, не може а да не се забележи новиот, дводелен дизајн на фаровите. Ваквата поставка ќе биде новиот стандард за сите знаменосци во понудата на BMW, а тоа значи дека ќе се најдат и кај новата Серија 7 и електричниот i7, како и XM хибридниот кросовер. Кај освежениот X7, LED дневните светла се наоѓаат над фаровите, а според BMW, целта на овој изглед е да се нагласи горделивата става на X7.
Покрај ова, долниот дел од предницата на xDrive40i моделот се одликува со нов сјаен трим кој отскокнува од браникот, додека унапредените „бубрези“ добиваат нешто потемни тонови и светла хромирана рамка. Она што е новитет за освежениот модел е Cascade Lighting елементот во самата решетка, налик на Rolls-Royce.
Голем број опции за купувачите
Поспортскиот X7 M60i наместо хромирани датели, добива сјајно црн третман на предницата. Долните отвори за вентилација и решетката се обложени во црна боја, додека фаровите се затемнети што овозможува поагресивен изглед. Секако, како неизбежен додаток тука е и M беџот на решетката.
За новиот стајлинг, BMW подготви 14 нови бои во палетата, а купувачите ќе можат да го добијат својот X7 со BMW M 50 Years амблемот. За првпат кај еден BMW производ, за купувачите ќе бидат достапни 23-инчни тркала. Базичниот xDrive40i модел користи стандардни 21-инчни тркала, а M60i како стандард има 22-инчни фелни.
Блага хибридна технологија за дополнителна потентност
Освежениот X7 доаѓа со три мотори во понудата, а тоа се базичниот 3,0-литарски шестцилиндерски бензинец со ознаката xDrive40i, потоа дизелскиот xDrive40d, a на врвот е M60i битурбо 4,4-литарскиот V8. Сега, трите мотори добиваат 48-волтна блага хибридна асистенција. Базичниот xDrive40i може да се пофали со 380 КС и 519 Nm максимален вртежен момент кој може да достигне до 540 Nm кога 48-волтната блага хибридна технологија се вклучува за помош. Дизелската варијанта испорачува 352 КС и 700 Nm максимален вртежен момент, а перформансниот М60i ќе има 530 КС и 750 Nm. Сите верзии пристигнуваат со нов осумстепен автоматски менувач со launch control функција.
Кај X7 M60i моделот како стандарден дел од опремата сега се нуди Integral Active Steering и Active Roll Stabilization, а кај двата модели шасијата вклучува стандарден воздушен систем на потпирање.
Драстична промена на ентериерот
Најголемите промени се направени во ентериерот. Во внатрешноста на освежениот X7 се наоѓа најновиот iDrive 8 инфозабавен систем на BMW кој е сочинет од 12,3-инчен дигитален инструмент кластер и 14,9-инчен екран на допир, кои се затскриени зад прекрасниот заоблен екрански приказ. Ова е првпат iDrive 8 да се појави кај модел на BMW со мотор на внатрешно согорување, бидејќи досега беше достапен само кај електричните iX и i4.
Друга интересна промена е отсуството на традиционалниот менувач за ZF осумстепениот автоматик, на чие место сега се наоѓа помал прекинувач поставен крај iDrive ротацискиот контролер.
Освежениот BMW X7 ќе пристигне на пазарот во следниот период, а баварската компанија ќе ги соопшти цените како што ќе се наближи датумот на лансирање.