fbpx

CES 2020: Официјално претставен електричниот SUV Fisker Ocean

Автомобилот кој пред неколку дена беше претставен во Лас Вегас може да прејде и до 482 километри со полни батерии, а во продажните салони пристигнува во 2021 година

Електричниот SUV модел Fisker Ocean беше најавуван подолго време, а сега е и официјално претставен. Исто така, пошироката јавност ќе може подобро да го запознае веќе на 2020 CES саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас (7 до 10 јануари).

Хенрик Фискер, кој во 2011. година се прослави со атрактивната хибридна спортска лимузина Karma, по банкротот се врати во игра во 2017. година. Овојпат со идеја наместо возила на хибриден погон, да развива чисто електрични автомобили.

Како резултат на двегодишната работа настана новиот електричен SUV, Fisker Ocean.

Според информациите, кога следната година ќе пристигне во продажба, овој автомобил ќе биде ривал на Tesla Model Y, кој ќе почне да се произведува во текот на 2020, но и електричниот кросовер на Ford, Mustang Mach-E, кој дебитираше кон крајот на 2019.

Електричната енергија се собира во батерии со капацитет од околу 80 kWh, кои на Fisker Ocean ќе му овозможат да мине и до 482 километри, пред истите да се испразнат. Повеќе технички детали засега не се соопштени, па не е познато колку време ќе биде потребно овие батерии да се наполнат.

Fisker објави дека Ocean е во состојба да забрза од 0 до 60 милји на час (0-96 km/h) за само 2,9 секунди, а купувачите ќе можат да бираат меѓу конфигурации со погон на две или на сите четири тркала.

Fisker Ocean во продажба кон крајот на 2021

Овој SUV со должина од 464 сантиметри според најавите се одликува и со најраспространетиот ентериер во класата, голем екран чувствителен на допир, дигитална инструмент табла, head-up екран и два бежични полначи. Исто така, ќе бидат достапни и опциони тркала од 22 инчи, соларни панели на покривот и автономни можности (деталите се уште не се соопштени).

Како што е најавено, електричниот SUV пристигнува во продажните салони кон крајот на 2021. година, а основната верзија би требало да чини од 37.499 долари, без пресметани субвенции, додека со нив цената би паднала на 29.999 долари.

Заинтересираните купувачи можат веќе сега да го резервираат својот примерок доколку положат повратен депозит во износ од 250 долари.

Поврзани вести

Back to top button