fbpx

Претставен новиот Renault Triber

Наменет за индискиот пазар, малиот Triber претставува нов член во SUV гамата на францускиот производител

Француската компанија Renault, го претстави својот нов модел, малиот Triber, кој претставува ново надополнување на SUV сегментот на брендот. Наменет исклучиво за индискиот пазар, Triber доаѓа во нешто помало, но повисоко пакување од моделот Captur, односно со должина од 3.990 мм, 1.739 мм ширина и 1.643 мм висина.

И покрај малите пропорции, Triber нуди распоред на седење кој може да прифати дури седум патници. Во оваа конфигурација, багажниот капацитет е речиси непостоечки, со само 84 литри, кои се зголемуваат на 320 при конфигурација со шест седишта, а со отстранување на третиот ред се добиваат 625 литри. Од Renault изјавија дека може да се добијат повеќе од 100 различни можни конфигурации за седење, а исто така тука се и лизгачките и лежечките седишта од втор ред и индивидуалните седишта од третиот ред, кои се лесни за инсталирање и отстранување.

Triber

Стилот на внатрешниот изглед на малиот SUV се придржува кон минималистичкиот тренд, со веќе добро познатиот управувач на Renault и дигиталната инструмент табла. Во центарот на конзолата поставен е инфозабавниот систем, контролите за клима уредот, како и прекинувачот за стартување на моторот.

Надворешниот дизајн исто така го прати тековниот стил на брендот, а она што веднаш може да се забележи е големата сличност со Kwid. Предниот крај е пософистициран и вклучува истакната решетка на ладилникот во која доминира големото лого на Renault, опкружено со светлосните уреди со имплементирани проекторски леќи. Токму под фаровите, во браникот поставени се тенки LED ленти, кои ја носат функцијата на дневни светла.

Triber

Што се однесува до основата, производителот изјави дека Triber се базира на новата модуларна платформа на алијансата. Тој го дели 1,0 литарскиот три-цилиндарски мотор со Clio и Sandero, во варијанта од 71 коњски сили и 96 Nm вртежен момент. Единицата може да се приклучи на пет-степен рачен или автоматски менувач.

Во азискиот регион, Renault ќе го лансира својот нов SUV во втората половина на оваа година, ветувајќи конкурентна цена и покрај тоа што Triber нема директни ривали. Производството ќе се одвива во објектот во Ченаи, Индија.

Поврзани вести

Back to top button