Претставен новиот Toyota Land Cruiser
Toyota го претстави новиот Land Cruiser, првиот целосно нов модел уште од 2007 година, кој ќе добие и своја GR Sport варијанта
Land Cruiser LC300 ја доживеа својата премиера, а Toyota направи темелна промена со прифаќање на TNGA платформата за својот SUV знаменосец. Јапонскиот производител истакна дека за време на развојот имала две цели. Првата е да го „наследи и еволуира“ духот на „сигурноста, издржливоста и оф-роуд перформансите“, додека вториот фокус бил да се креира искуство способно да следи секаков вид на патишта.
Нова платформа
Од Toyota истакнуваат дека сакале да ја задржат body-on-frame структурата бидејќи истата е „темел на есенцијата на Land Cruiser“. Како што веќе истакнавме, со цел да го направи својот SUV способен да ги совлада сите терени, јапонскиот производител ја вгради новата GA-F платформа во возлото, која е базирана на TNGA. Ова значи полесна шасија која истовремено е поригидна, а возилото добива тежиште кое е доближено поблиску до земјата и вкупната тежина е намалена за 200 килограми.
Благодарение на големиот број тестови, во кои беа вклучени и возачи од релито Dakar, Toyota успеа да направи унапредувања на базичните перформанси на системот за потпирање со што се овозможува поголема артикулација на тркалата, мулти-теренско набљудување, мулти-теренски избор кој овозможува оптимизирање на триењето во различни услови и E-KDSS, што всушност означува Electronic Kinetic Dynamic Suspension System, за кој Toyota вели дека е прв во светот и го унапредува придржувањето на возилото за подлогата во најтешките оф-роуд услови.
Кога станува збор за димензиите, Toyota не направи никакви отстапки со новиот Land Cruiser, а тоа значи дека должината е 4.990 милиметри, ширината изнесува 1.980, додека меѓуосовинското растојание е 2.850 милиметри. Приодниот агол е 32 степени, а поаѓачкиот агол е 24 степени.
Фокус на оф-роуд перформансите и подобри возачки карактеристики
Унапредените возачки динамики и управливост се поддржани од новите V6 битурбо агрегати. Станува збор за 3,5-литарски бензинец и 3,3-литарски дизел агрегат кои нудат врвни перформанси и пристигнуваат со нов 10-степен автоматски менувач кој ја намалува потрошувачката на горивото и CO2 емисијата за 10 проценти во однос на актуелниот модел. Поголемиот, 3,5-литарски бензински мотор испорачува 415 КС и 650 Nm максимален вртежен момент, додека дизелскиот агрегат испорачува 309 КС и генерира 700 Nm.
Уште поголема моќност и подобри перформанси се очекуваат за GR Sport моделот, кој беше најавен со серија фотографии и беше потврден паралелно со премиерата на „обичниот“ Land Cruiser, но Toyota не откри никакви детали за овој модел, кој својата премиера ќе ја доживее нешто подоцна оваа година.
Едноставен и препознатлив дизајн
Кога станува збор за дизајнот, не треба да се заборави да се истакне дека Land Cruiser добива еден нов стил кој сепак останува верен на наследството и статусот на моделот. На предниот дел се истакнуваат новите LED светлечки единици, а коцкастиот дизајн доминира на хаубата и на заштитните облоги на сводовите над предните тркала. Сепак, севкупната форма на возилото не претставува некоја поголема разлика во однос на актуелниот модел.
Во внатрешноста дизајнот е едноставен, кабината е насочена кон големиот централен инфозабавен екран, а се уште се присутни и физичките контроли, се со цел функциите да бидат лесно достапни и интуитивни, особено во оф-роуд ситуации. Toyota одлучи да ги задржи и традиционалните инструменти, но на средина од кластерот се наоѓа и дигиталниот информациски екран. Со оглед на тоа дека Toyota посвето огромно внимание на оф-роуд сегментот и перформансите, во новиот Land Cruiser не може да се очекува преголем луксуз, а купувачите во ентериерот ќе добијат и седишта со греење и вентилирање и JBL аудио-систем.
Покрај оф-роуд технологијата, јапонскиот производител додаде и голем број на безбедносни системи. Тука предничи Toyota Safety Sense активниот безбедносен пакет во кој се додадени две големи безбедносни карактеристики. Првата ги детектира возилата кои надоаѓаат, како и пешаците и велосипедистите од двете страни на крстосницата, додека втората помага при избегнување судир.
Toyota најави дека ќе го лансира новиот Land Cruiser на глобално ниво почнувајќи од ова лето, а цените се уште не се објавени.