Претставен освежениот Audi SQ5 TDI
Германскиот производител Audi по прикажувањето на освежениот SUV Q5, го прикажа и рестилизираниот SQ5 со дизелски агрегат
Наменет за европскиот пазар, освежениот Audi SQ5 TDI добива нови стилски промени и технолошки унапредувања кои веќе се најдоа кај обичниот Q5 и го додава ревидираниот 3,0-литарски V6 TDI во целиот микс, заедно со уште неколку карактеристики кои се специфични за конкретниот модел.
Шестцилиндричниот дизел мотор во освежениот SQ5 TDI испорачува 341 КС и 700 Nm максимален вртежен момент. Од нула до „стотка“ се стигнува за 5,1 секунда, додека максималната брзина останува ограничена на 250 километри на час. Audi го ревидираше V6 TDI агрегатот со цел да го направи поефикасен. Моторот продолжува да работи со 48-волтна блага хибридна технологија, која може да надомести до 8 kW моќ и му овозможува на возилото да вози 40 секунди со исклучен мотор. Од Audi велат дека благата хибридна технологија ја намалува потрошувачката за 0,7 литри по 100 километри.
Една од главните карактеристики на SQ5 TDI останува непроменета, а тоа е електричниот компресор (EPC). Освежениот модел е поставен 30 милиметри пониско благодарение на S спортскиот систем на потпирање, а исто така како опција се нуди и спортски диференцијал, како и адаптивен воздушен систем на потпирање. Сетот на 20-инчни тркала се стандардни, а 21-инчните се нудат како опција.
Врвна опременост
Како и кај регуларниот Q5, најновите дигитални OLED задни светла се опција за SQ5 TDI. Најспортското издание на Q5 во опсегот исто така добива и LED фарови како стандард, додека Matrix LED единиците се опционални.
Во кабината на освежениот Audi SQ5 TDI може да се најде тапацир од кожа или синтетичка кожа, електронски подесиви спортски седишта со извезено S лого, контрастни конци на управувачот и седиштата и трим од избрусен алуминиум како стандард. Меѓу останатите опции тука се и карбон тримот, па се до Nappa кожа и масажерски функции на седиштата.
SQ5 за 2021 година го добива и MIB 3 MMI инфозабавниот систем кој функционира преку 10,1-инчниот екран на допир и содржи гласовни контроли. Освен тоа, 12,3-инчната дигитална инструмент табла нуди три графички изданија – Dynamic, Sport и Classic, додека во Vorsprung моделите добива и head-up екран кој ги проектира важните информации во видното поле на возачот.
Audi ќе го лансира освежениот SQ5 TDI во Европа во првиот квартал од 2021 година, кога ќе започне и производството во Мексико. Цените започнуваат од 68,130 евра во Германија.