fbpx

Претставен Porsche Taycan Cross Turismo

Porsche во понудата на својот електричен суперавтомобил Taycan додава уште една, караванска верзија која го носи името Cross Turismo

Германскиот производител пред извесно време најави дека во понудата за Taycan ќе воведе и караванска верзија која ќе го понесе називот Porsche Taycan Cross Turismo. Првично најавен со Mission E Cross Turismo концептот, кој наскоро ќе ја прослави својата тригодишнина, Porsche Taycan Cross Turismo денеска ја доживеа и својата премиера, модел кој веројатно беше незамислив за германскиот производител пред неколку години.

„Во 2019 година испративме јасен сигнал со дебито на нашиот прв целосно електричен спортски автомобил. Се сметаме за пионери во одржливата мобилност, а до 2025 година половина од нашите нови возила ќе имаат електрифициран погон. Иднината припаѓа на електричната мобилност. Со Taycan Cross Turismo, правиме уште еден огромен чекор во оваа насока“, изјави Оливер Блуме, првиот човек на извршниот одбор во Porsche.

CUV режим за оф-роуд доживувања

Новиот електричен караван на Porsche ќе понуди поголем багажен капацитет во споредба со седан верзијата (1.212 литри) и дополнителен простор за главата за патниците на задната клупа, благодарение на продолжената покривна линија. Она што исто така Cross Turismo го добива во однос на стандардниот Taycan е повисокото ниво на поставеност на самиот автомобил (30 милиметри повеќе со Off-Road Design пакетот), односно поголемиот клиренс, кој му овозможува на автомобилот да совлада повеќе различни терени.

Taycan Cross Turismo

Благодарение на воздушниот систем на потпирање кој доаѓа како стандарден, караванскиот Taycan ќе добие и адаптивно подесување на висината на возилото, а исто така ќе добие и CUV (Cross Utility Vehicle) режим на возење, соодветен за оф-роуд предизвици.

Четири варијанти на стартот

Исто така, новиот Cross Turismo добива и погон на сите четири тркала како стандард кај сите верзии, а купувачите добиваат еден практичен електричен автомобил со голем комфор за патниците на задната клупа. Сите верзии пристигнуваат со поставка со два електромотори кои се напојуваат од 93,4 kWh батерија и пристигнуваат со двостепена трансмисија. Зависно од верзијата, автономијата на движење варира од 388 до 456 километри според WLTP циклусот. Базичниот Cross Turismo 4 испорачува 375 КС, односно 469 КС и 500 Nm вртежен момент со активирани Overboost и launch control. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 5,1 секунда, а максималната брзина е 220 километри на час. Cross Turismo 4S верзијата нуди до 571 КС и 650 Nm во Overboost, односно 482 КС без овој режим. Toa е доволно за спринтот до стотка да се достигне за 4,1 секунда, додека максималната брзина е 240 километри на час.

Најагилните верзии ќе бидат Turbo и Turbo S, со 680 и 850 Nm, односно 761 КС и 1.050 Nm со користење на Overboost функциите. Од нула до 100 км/ч Porsche Taycan Turbo Cross Turismo стигнува за 3,3 секунди и 250 километри на час, додека Turbo S верзијата до „стотка“ стигнува за 2,9 секунди, додека максималната брзина останува иста.

Практичност и перформанси

Со оглед на својата каросериска изведба, новиот Porsche Taycan Cross Turismo успева да ја комбинира практичноста со перформансите. Силуетата е дефинирана од спортската покривна линија која опаѓа кон крајот на автомобилот. Тука се и „оф-роуд“ дизајнерските елементи кои вклучуваат и заштитни облоги над тркалата, уникатни долни заштитни облоги напред и назад и странични прагови. Како дел од Off-Road Design пакетот, Cross Turismo добива и специјални заштити на аглите на предниот и задниот браник. Тоа придонесува за уште поистакнат екстериер како и дополнителна заштита при возењето на невообичаени терени. Кога станува збор за остатокот од дизајнот на екстериерот, Porsche Taycan Cross Turismo на предниот дел останува ист со „обичниот“ Taycan. Како опција се нуди и големиот панорамски фиксиран покрив, кој се протега од предното стакло, па се до задниот покривен спојлер, со што се добива поголема светлина во ентериерот и карактеристичен изглед од надворешноста.

На задниот дел Taycan Cross Turismo поседува аеродинамично оптимизиран фиксиран покривен спојлер кој обезбедува одлични аеродинамични карактеристики, а спојлерот е финиширан во високо сјајна црна боја како стандард. Моделот добива и ексклузивен заден дифузер со што се истакнува CUV карактерот на електричниот автомобил.

Ентериерот содржи контури кои се препознатливи кај Taycan седанот, како што е заоблениот дигитален инструмент кластер, а до него е централниот 10,9-инчен инфозабавен екран. Како опција може да се добие и екран наменет за совозачот, а на врвот на централната конзола е инсталиран компас во комбинација со Off-Road Design пакетот.

Taycan Cross Turismo

Напредна технологија

Porsche Taycan Cross Turismo се одликува и со 4D Chassis Control анализите и ги синхронизира сите системи на шасијата истовремено. Porsche користи централно вмрежен контролен систем за шасијата на Taycan Cross Turismo. Благодарение на карактеристиките за оптимизиран проток на воздух, аеродинамичниот дизајн кој се одликува со коефициент на воздушен отпор од 0.26, создава значителен придонес во ниската потрошувачка на енергија, а со тоа и подолг опсег на движење.

Кога станува збор за полнењето, купувачите ќе можат да ја полнат батеријата со полначот од 11 kW како стандарден. Како опција се нуди и полначот со капацитет од 22 kW. Со полнење на брз полнач, Taycan Cross Turismo добива 100 километри автономија со полнење од само пет минути.

Taycan Cross Turismo

Porsche Taycan Cross Turismo добива и екстензивна листа на стандардна опрема која ќе пристигне со автомобилот. Меѓу другото, вклучува и DAB аудио формат, двозонски Advanced Climate Control, Porsche Electric Sport Sound, Sport Chrono пакет, двобоен ентериер, електронски адаптивни спортски седишта, управување на задната осовина, мултифункционален спортски управувач, зависно од тоа која верзија на Taycan Cross Turismo ќе го избере купувачот.

Новиот Porsche Taycan Cross Turismo ќе пристигне во продажно изложбените салони во текот на престојното лето. Цените во Германија ќе почнуваат од 93.635 евра.

Поврзани вести

Back to top button