fbpx

Претставен Volkswagen Taos

Volkswagen го претстави својот нов кросовер модел наречен Taos кој ќе биде достапен ексклузивно за купувачите на северноамериканскиот пазар

Дизајниран да се најде под моделот Tiguan, новиот Volkswagen Taos е комапктен кросовер кој ќе биде понуден на купувачите во Северна Америка. Со оглед на тоа дека во американската понуда моделот T-Roc не е достапен, Taos ќе треба да ја пополни неговата позиција, односно ќе има улога на градски кросовер. Втората важна задача на Taos ќе биде да ги привлече некогашните сопственици на Golf во Америка со оглед на тоа дека популарниот хечбек повеќе не е достапен на северноамериканско тло.

Како и повеќето модели на Volkswagen, така и овој кросовер е поставен на MQB платформата. Со должина од 4.465 милиметри, Taos е меѓу најголемите претставници во класата. Исто така треба да се напомене дека меѓуосовинското растојание изнесува 2.689 милиметри. Од друга страна, висината и ширината изнесуваат 1.635, односно 1.841 милиметри.

Иако „на прва“ дизајнот делува едноставно, Volkswagen Taos се одликува со широка решетка и „повлечени предни светла“. Моделите со повисоко ниво на опременост се какрактеризираат со LED светла кои се вклопуваат во решетката преку светлечката лента. Тука се и заштитната обвивка под предниот дел како и пластичните обвивки кои се наоѓаат на долниот дел од автомобилот. На задниот дел се истакнува интегрираниот спојлер. Тука е и лажниот двоен издувен систем. Taos ќе биде достапен во осум различни бои и големина на тркалата од 17 до 19 инчи.

Volkswagen Taos

Кога станува збор за ентериерот, Volkswagen се држи до испробаниот рецепт, кој во Европа е добро познат. Минималистичкиот ентериер со чисти линии и едноставните контроли се применети и тука. Германскиот бренд не открива многу спецификации, но потврди дека моделот во своето стандардно издание ќе пристигнува со дигитален инструментален кластер и двобојни седишта.

Моделите со повисоко ниво на опременост ќе имаат и 8-инчен инфозабавен систем, бежичен полнач за телефони и амбиентално осветлување во осум бои. Меѓу останатите опции тука е и управувачот со греење и премиум аудио-системот со 8 звучници. Купувачите исто така ќе можат да добијат и вентилирачки седишта со греење, контролерн систем за двозонски клима-уред и кожен тапацир.

Volkswagen Taos

Автомобилот се напојува со турбо 1,5-литарски четирицилиндричен мотор кој испорачува 160 КС и 249 Nm максимален вртежен момент. Моторот пристигнува во комбинација со осумстепен автоматски менувач кој ја испраќа моќноста на предните тркала. Погонот на сите четири тркала се нуди како опција и пристигнува со седумстепен DSG менувач.

Volkswagen Taos

Volkswagen Taos ќе пристигне во Северна Америка следното лето и ќе биде достапен во три различни тримови. Комплетните детали ќе бидат објавени како што ќе се наближи датумот за лансирање.

Поврзани вести

Back to top button