Продажбата на возила во Европа со нов остар пад
Производителите на автомобили во Европа се надеваа дека започна опоравувањето на пазарот, но набрзо следуваше ново разочарување за нив
Минатиот месец во Европа е забележан пад на продажбата на нови автомобили од 18,9 проценти, далеку повеќе отколку во јули кога имаше минус од само 5,7 проценти. Треба да се земе предвид дека август секогаш важел за не баш добар месец кога станува збор за продажбата, пред се поради тоа што голем број луѓе тој период го користат за годишни одмори.
Оваа година тоа не може да биде случајот, најмногу поради рестрикциите за патување, а сето тоа како плод на пандемијата на коронавирусот. Новиот раст на заразени во земји како Франција и Шпанија дополнително ги влоши продажните резултати на автомобилските производители во Европа.
Во првите осум месеци од годинава, побарувачката за нови автомобили на територијата на Европа, односно ЕУ, опадната е за големи 32 проценти. Во периодот од јануари до август се испорачани 6,1 милиони нови возила, што е за 2,9 милиони помалку од лани.
Кога станува збор за големите пазари поединечно, Италија конечно покажува назнаки за опоравување. Имено, на Апенините во август се испорачани само 0,4 проценти помалку возила отколку претходната година, додека најлошо поминаа Франција и Германија каде падот на продажбата е 20 проценти.
Јасно е дека претпоставки и проценки околу конечниот исход на годинешната продажба не можат да се направат, но со оглед на тоа дека се најавува нов бран на коронавирус, сигурно е дека нема да се случи чудо на пазарот во Европа.