Профитот на Volkswagen скокна за 23%
Групата Volkswagen забележа 23% раст во профитoт остварен за вториот квартал на 2018, во споредба со истиот период лани
Позитивниот финансиски резултат на гигантот за периодот април-јуни е 5.58 милијарди евра, во однос на 4.55 милијарди една година порано. Профитната маргина е 9,1%, а лани изнесуваше 7,7%. Главната заслуга за извонредниот резултат на Volkswagen е продажбата на патнички автомобили каде е забележан пораст од 5,5%. По одвојувањето на вонредните трошоци поврзани претежно за решавање на побарувања за Дизелгејт, оперативната добивка останува 3,95 милијарди евра.
-Не можеме и не смееме да останеме на своите ловорики, бидејќи во наредните квартали не очекуваат огромни предизвици, особено во преминот кон новата WLTP постапка за тестирање на штетните емисии, изјави главниот извршен директор на Volkswagen, Херберт Дис.
-Растечкиот протекционизам ширум светот, исто така, создава сериозни пречки за глобално интегрираната автомобилска индустрија.
Претходно различни извори во Германија открија дека VW ќе има сериозни тешкотии да ја подреди целата гама на новите тестови за емисии, наречени Worldwide Harmonized Light Duty Vehicles Test Procedure. Новите процедури стапуваат на сила и стануваат задолжителни во Европската Унија од 1 септември оваа година. Покривањето на тестовите, сепак, ќе трае многу повеќе од претходниот циклус.