Промена на стратегијата, Audi ги задржува класичните мотори

Audi донесе одлука да ја промени својата стратегија и да ги задржи моторите со внатрешно согорување и по 2032 година

Автомобилската индустрија сè уште не е подготвена за целосно електрична иднина, а Audi е последниот бренд кој реши да го одложи својот првичен план за целосен премин кон електрични возила. Оваа одлука значи дека германскиот производител ќе продолжи да нуди модели со мотори на внатрешно согорување и plug-in хибриди (PHEV) подолго отколку што беше претходно планирано.

На годишната медиумска конференција на Audi за 2025 година, извршниот директор Гернот Делнер изјави: „Како дел од нашата производна иницијатива, не само што лансираме нови електрични модели, туку и нова генерација возила со мотори на внатрешно согорување и plug-in хибриди. Производството на нашите последни возила со класични мотори ќе зависи од глобалните пазарни услови.“

Продолжување на животниот век на моторите со внатрешно согорување

Audi претходно најави дека следната генерација на моделот Q7 ќе биде последната што ќе има мотор со внатрешно согорување, со цел да го заврши развојот на ваквите мотори во 2026 година, и целосно да се префрли на електрични возила до 2032 година. Но, според новите изјави на Делнер, овој план повеќе не е актуелен.

Оваа промена на стратегијата доаѓа по примерот на конкуренти како BMW, Mercedes и Volvo, кои исто така решија да ја одложат целосната електрификација на нивните понуди. Дури и Porsche планира да продолжи да произведува возила со класични мотори и во 2030-тите.

Plug-in хибридите како преодна фаза

На конференцијата, Audi исто така ги најави новите модели што ќе бидат претставени во текот на 2025 година, а Делнер особено ја потенцираше важноста на plug-in хибридните возила. Тој изјави дека PHEV технологијата ќе биде „централен дел од портфолиото на Audi“ додека компанијата постепено се движи кон целосно електрична понуда.

Еден од првите модели кој ќе добие plug-in хибридна верзија е Audi A5, чија премиера е закажана за 25 март. Ова е дел од планираните 10 нови PHEV модели кои Audi ќе ги претстави во текот на оваа година. Дополнително, новата генерација на Q3 ќе пристигне на пазарот ова лето, по неодамнешното лансирање на новиот Audi A6 Avant.

Предизвици и нови стратегии за американскиот и кинескиот пазар

Audi најавува лансирање на 10 нови модели во Северна Америка до крајот на 2025 година, истовремено разгледувајќи дополнителни локални производствени опции за да ги избегне новите американски тарифи. Во Кина, брендот ја засили својата стратегија во партнерство со FAW и SAIC, со цел да биде значаен дел од растот на кинескиот пазар за електрични возила, истовремено одржувајќи ја својата силна позиција кај возилата со класични мотори.

Сепак, финансискиот директор Јирген Ритерсбергер предупреди дека 2025 година ќе биде „многу предизвикувачка“ поради тензичната геополитичка и економска ситуација од 2024 година. И покрај тоа, Audi верува дека обновеното портфолио на модели што постепено доаѓа на пазарите ќе ја подобри позицијата на брендот.

Одлуката на Audi да ја одложи целосната електрификација е знак дека глобалниот пазар сè уште не е подготвен за „само електрична“ иднина. Притоа, компанијата внимателно балансира помеѓу иновативните електрични технологии и традиционалните решенија кои сè уште се барани од потрошувачите.

Поврзани вести

Back to top button