Први фотографии од новата генерација на Opel Astra
Откако ја претставија новата Corsa и ги обновија Astra и Insignia, во Opel подготвуваат наследник на Mokka X, но и целосно нова генерација на Astra
Се појавија првите фотографии кои го најавуваат изгледот на новата генерација на Opel Astra, која ќе биде целосно нова со оглед на тоа дека освен поинаквиот изглед, ќе добие и EMP2 платформа од PSA групацијата.
Тоа ќе биде првата генерација на Astra откако германскиот производител стана член на француската PSA групација. Новата Astra e планирана за 2021. година, а од PSA истакнуваат дека ќе биде многу повеќе од само копија од Opel на Peugeot 308.
И покрај трендот на кросовери кој влијае и на дизајнот на другите класи, според фотографиите кои ги објави „Auto Express“, новата Astra повеќе наликува на купе-хечбек. Како основа на новиот дизајн послужи GT X Experimental концептот од салонот на автомобили во Париз минатата година.
Една од неговите одлики се острите линии на предните фарови, скриените рачки на задните врати во C столб, како и употреба на „паметни“ агли кои и покрај купе дизајнот оставаат доволно простор за главата и багажникот од 380 литри.
Што се однесува до погонот, од PSA очекуваат препород на дизелот во следните години па најавуваат Astra со две варијанти со 109 КС и 128 КС од три-цилиндричен агрегат, како и 1,5-литарски BlueHD со исто така 128 КС. Секако, неизбежна ќе биде и хибридната технологија со 196 КС од 1,6-литарски турбо-бензинец комбиниран со електро-мотори, но во спортска варијанта на Astra со VXR ознака.