Првото електрично Bentley за најмалку пет години
Англискиот производител на луксузни автомобили не сака да брза со развојот на батериите за производство на електрични автомобили
Во Bentley имаат амбициозен план во следните години во целост да ги електрифицираат новите серии на моделите, но тоа не значи дека тие ќе брзаат тоа да го направат што е можно побрзо, со самото тоа што не постои големо побарување за таквиот тип автомобили. Во Bentley сакаат на мир да работат на развој на батериите.
„Нашето електрично возило ќе излезе кон средината на 2020-тите години бидејќи сакаме барем пет години на мир да работиме на развојот на батериите кои можат да ни донесат подобрување во перформансите на автомобилите“, велат од компанијата.
Едријан Холмарк, првиот човек на Bentley, истакна дека во овој момент EV технологијата не е доволно развиена за овој бренд да размислува за самостојна употреба во своите модели. „Ако ја погледнете големината на возилото и капацитетот на батеријата би рекол дека Jaguar I-Pace тука е оптималниот спој. Но, ние сакаме голем SUV, а таквиот автомобил би барал значително поголеми батерии, а со самото тоа и масата би била огромна“, изјави Холмарк.
Сепак, шефот на Bentley не е песимист и го повтори ставот на компанијата кога станува збор за електричните автомобили. „Верувам дека во следните пет години ќе дојде до големи промени кај овој сегмент. Очекувам поголема енергетска густина кај батериите и напредок на другите полиња, што ќе резултира со унапредување на перформансите при дометот за најмалку 30 проценти“, изјави Холмарк.
Bentley нема намера да прави мали градски автомобили
Тој додаде дека во овој момент EV технологијата е сосема соодветна за употреба кај малите градски автомобили, но дека Bentley нема намера да прави возила со такви габарити. Освен што ја истакнува автономијата на движење како мана, Холмарк додава дека батериите и понатаму се скапи.
„Цената на батериите е околу шест пати повеќе од цената на моторите. Тоа е се уште драстична разлика и поради тоа практично сите електрични автомобили се многу скапи“, изјави Британецот.
И покрај големите предизвици, Холмарк верува дека Bentley е во состојба да стане првиот бренд во рамките на VW групацијата кој ќе биде CO2 неутрален. „Ние сме дел од VW групацијата, но веруваме дека први можеме да ја спроведеме декарбонизацијата. Bentley не е голема компанија, така што од организациска или индустриска перспектива, за нас тоа не е огромен предизвик“.
Холмарк изјави дека Bentley годишно продава околу 11.000 возила, поради што нема голем проблем со декарбонизацијата, впрочем тој најавува дека нивните фабрики во кои автомобилите се склопуваат се CO2 неутрални.