Редизајнираниот Peugeot 3008 официјално претставен
Француски Peugeot денеска официјално, преку дигитални канали, го претстави темелно освежениот SUV 3008
Peugeot 3008 го доби својот фејслифт на средина од својот „животен век“, а највпечатливата промена кај францускиот SUV се наоѓа на предниот дел кој го следи дизајнерскиот јазик на најновите 208 и 2008 модели. Peugeot 3008 е еден од најуспешните француски автомобили во модерната ера, со повеќе од 800.000 продадени единици. Сепак, неговиот иновативен дизајн доживеа унапредување и освежување согласно стандардите од последните години.
Со редизајнот, како што е напоменато, променет е предниот дел од автомобилот, каде што се додадени новите LED светла кои ги има помалиот и поновиот 2008. Предната решетка исто така доби нов дизајн, споен со светлата, а исто така се присутни и три нови отвори за воздух. Новината кај овој фејслифт е начинот на кој светлата и решетката се интегрирани. Peugeot 3008 ја задржува својата силуета, но благодарение на новата предница, сега добива поагресивен и поспортски изглед. На задната страна, унапредените светлосни групации сочинуваат Full LED технологија, притоа прикажувајќи ги сега веќе стандардните 3D „лавји канџи“.
Нов дизајн на предниот дел
Кога станува збор за екстериерот, Peugeot 3008 добива и две нови бои. Тоа се Celebes Blue и Vertigo Blue, а достапни ќе бидат и актуелните Pearl White, Artense Grey, Platinum Grey, Perla Nera Black и Ultimate Red. За оние кои сакаат повеќе, Peugeot воведе и нов Black Pack кој ќе се нуди со GT и GT Pack. Со оваа опција, неколку дизајнерски елементи, вклучувајќи ја решетката, задниот браник, спојлерот и тркалата ќе бидат со црн финиш.
Од друга страна, ентериерот мина низ посуптилна промена. Новина е централната конзола и панелите на вратите,. Новина е и поголемиот инфозабавен систем на Peugeot, кој наместо досегашниот 8-инчен, добива 10-инчен екран на допир. Исто така, Peugeot 3008 пристигнува и со најновите системи за асистенција на возачот, како и новиот Peugeot i-Cockpit со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер со високо квалитетен екран. Автомобилот пристигнува со нови нивоа на опременост, ексклузивни декорации и неколку паметни технологии. Пред се, тука е новата Night Vision функција, што е уникатен додаток во сегментот на компактни SUV.
Под централниот екран се наоѓаат седум елегантни „пијано“ копчиња за радиото, клима-уредот, сателитската навигација, поставките на возилото, телефон, мобилни апликации, додека хибридната верзија исто така ќе има конкретно копче за пристапување до електронските функции на возилото.
Кога станува збор за моторните единици, треба да се напомене дека Peugeot 3008 добива две plug-in хибридни варијанти. Едната со 225 КС и погон на предните тркала, а втората со 300 КС и погон на сите четири тркала. Електрифицираните варијанти добиваат три возачки режими – Electric, Hybrid, Sport. Во понудата остануваат и стандардните бензински и дизел мотори. Купувачите ќе можат да бираат меѓу бензинските PureTech со 130 (1,2-литарски трицилиндричен мотор) и 180 КС (1,6-литарски, четирицилиндричен мотор) кој е достапен само со осумстепен автоматски менувач. Кај дизелските агрегати тука е BlueHDI со 130 КС (1,5-литарски четирицилидричен мотор) кој е достапен со мануелен или автоматски менувач. Моделите со конвенционални мотори сега содржат селектор за возачки режими како стандарден дел од опремата. Со тоа возачот ќе може да избира меѓу Normal, Sport и Eco режим.
Peugeot ќе започне со продажбата на унапредениот 3008 во Европа кон крајот на годинава.