Renault 17 е електричен рестомод со ретро дизајн и модерен шмек
Renault се пофали со својата најнова креација. Не станува збор за нов сериски модел, туку за целосно електрична верзија на Renault 17 купето од 1970-тите години.
За да го донесе дизајнот на 17 во современиот свет, Renault работеше рака под рака со француската дизајнерка Ора Ито. Додека автомобилот има слични пропорции како оригиналното купе, целата каросерија е променета.
Каросеријата на купето е завршена во Galactic Brown боја, совршена за обновување базирана на класиката од 70-тите. Ги нема четирите кружни фарови на оригиналот, а на нивно место седат тенки LED диоди со суптилна жолта нијанса. Преминувањето на електричен погон, исто така, им овозможи на Renault и Ито да ја елиминираат традиционалната предна решетка, наместо тоа да се определат за мал, рамен панел.
Посебно се истакнуваат тенките А-столбови и ситните крилни ретровизори на R17, и двете го одразуваат оригиналниот модел што ја инспирираше оваа еднократна креација. Тркалата се исто така глетка за себе, како и решетките директно зад страничните прозорци.
Внатрешноста е уметничко дело. Веднаш се издвојува волан со два краци со рамен врв и рамно дно обвиткани во ткаенина. Има и дрвена облога преку контролната табла и како оригиналниот Renault 17, четири истакнати инструменти пред возачот. Клучната разлика е во тоа што овие дигитални инструменти сега се квадратни и секој има мал екран со црвена графика. Поголем екран служи како екран за инфозабава. Renault ги завитка седиштата во комбинација од кафена кожа и бела ткаенина.
Ниту еден рестомод не би бил комплетен без некои сериозни механички промени. Стариот 1,6-литарски четирицилиндарец кој ги движи предните тркала е заменет со електричен мотор со 270 КС кој ги придвижува задните тркала. Автомобилот е изграден и околу лесната шасија од карбон и тежи 1.400 килограми.
Renault планира да го прикаже автомобилот на неколку настани оваа година, вклучително и на Саемот за автомобили во Париз следниот месец.