fbpx

Renault го објави првиот тизер за електричниот Megane

Францускиот производител Renault во рамките на настанот посветен на Renaulution програмата го објави и првиот тизер за електричниот Megane кој ќе пристигне во 2022

Првиот исклучиво електричен кросовер на Renault наречен Megane E-Tech Electric, односно Megane-e, ќе пристигне во продажба следната година, а ќе биде поставен на целосно нова и специјална електрична платформа. Во рамките на настанот посветен на Renaulution програмата, каде меѓу ретките редакции присуствуваше и Авто Плус, францускиот производител ги објави и првите тизер фотографии, а шефот на компанијата Лука Де Мео вети дека моделот „95% ќе наликува на концептниот модел кој беше претставен минатата година“.

Renault-talk Luca De Meo

Концептот беше наречен Megane eVision, но според новите информации моделот ќе го добие E-Tech Electric името. Трите тизер фотографии објавени на настанот го прикажуваат задниот дел на возилото, заедно со новото лого во ретро стил, како и внатрешноста каде се наоѓа вертикално поставениот централен екран, заедно со дигиталниот инструмент кластер.

Продукцискиот стајлинг на Megane-e претходно беше забележан во камуфлажа за време на тестирањата на јавните патишта, но силуетата на моделот беше јасно забележлива, а со кросовер стилот Де Мео најавува дека намерата е да се „реосмисли класичниот хечбек на емоционален начин“.

Продукцискиот Megane-e ќе биде првиот електричен автомобил на Renault кој ќе биде поставен на новата CMF-EV платформа на Алијансата, која исто така се користи и за Nissan Ariya. Концептната верзија наречена Megane eVision се одликуваше со 60 kWh батерија која нуди опсег на движење од 450 километри и 217 KС моќност и ќе ги придвижва предните тркала.

Новиот електричен кросовер ќе игра клучна улога во големиот план за трансформација на Renault групацијата, познат како Renaulution. Megane E-Tech Electric ќе се произведува заедно со новиот Renault 5 електричен хечбек кој беше неодамна претставен.

Поврзани вести

Back to top button