Renault ќе ја демократизира ЕВ технологијата
Renault групацијата, на дигиталната конференција Renault eWays на која присуствуваше и Авто Плус, ја сподели својата стратегија за ЕВ иднината на компанијата
Настанот под називот Renault eWays ги откри плановите, како и начинот на кој француската компанија планира да ја демократизира технологијата со која електричните возила ќе станат попопуларни и подостапни за купувачите, а исто така на настанот се разговараше и за батериите, електричните и хибридните погони, ЕВ платформите, Electro North Pole, животниот циклус на батериите, како и идните електрични возила на производителот.
Renault има намера да се позиционира како лидер кога станува збор за ЕВ технологијата, а тоа ќе го направи со потпирање врз најсовремените иновации засновани на 10-годишното искуство во ова подрачје, а се со цел возилата да станат профитабилни, но и достапни за сите.
Согласно најавите и плановите, Renault има за цел да ја намали цената на батериите за 60 проценти во следната деценија, а со тоа, ќе се намали и трошокот за електричните мотори за 30 проценти, правејќи ги притоа покомпактни и со поголем опсег на движење.
„Брендот Renault има за цел да го има најзелениот микс на европскиот пазар во 2025 година, со повеќе од 65 проценти од електрични и електрифицирани возила во продажниот микс и до 90 проценти електрични возила во 2030 година“, истакнаа од компанијата.
Дузина нови модели
Освен ова, Renault најави и 10 нови електрични модели до 2025 година и за таа цел ќе користи нови, наменски произведени платформи за електрични возила за да ја достигне својата цел. Производителот претходно истакна дека ќе користи наменски дизајнирани платформи за електрични возила, познати како CMF B-EV и CMF A, со цел да произведува мали и достапни електрични автомобили.
„Десет нови електрични модели ќе бидат создадени и до еден милион електрични возила ќе бидат произведени до 2030 година, почнувајќи од мали урбани возила, па се до модели од повисоките класи и спортски автомобили. Покрај ефикасноста, ние се потпираме и на легендарните дизајни како што е R5 со цел да ја засилиме електрификацијата на Renault и да ги направиме електричните автомобили популарни“, истакна Лука де Мео.
Компанијата смета дека електричната верзија на класичниот Renault 5 компактен автомобил кој беше пензиониран во 90-тите години, ќе ја освои фантазијата на модерните возачи, a најважно од се е што францускиот производител најави дека цената на новата електрична „петка“ ќе биде за 33 проценти пониска од Renault Zoe На дигиталниот настан компанијата сподели и поглед во новиот електричен „4ever“ кој треба да биде оживување на легендарниот Renault 4 хечбек во електрична варијанта.
Нов ентитет
Со претставувањето на најновиот бизнис план за електрични возила на производителот, извршниот директор Лука де Мео, истакна дека новите ЕВ платформи и производствените погони во северна Франција ќе му овозможат на Renault да лансира електрични автомобили по пониски цени.
Renault овој месец истакна дека ќе ги комбинира трите фабрики во северниот дел на Франција во нов правен ентитет наречен Renault ElectriCity, кој ќе произведува 400.000 возила годишно до 2025 година.
„Историско забрзување на ЕВ стратегијата на Renault групацијата и ‘made in Europe’ планот. Со изградбата на Renault ElectriCity, нашиот компактен, ефикасен, високотехнолошки електричен екосистем во северна Франција, заедно со нашиот е-погонски MegaFactory во Нормандија, креираме услови за нашата конкурентност дома. Ќе тренираме, инвестираме и ќе се здружиме со етаблирани и актери во подем како STMicroelectronics, Whylot, LG Chem, Envision AESC и Verkor“, додаде Де Мео.
Свој удел во електричната офанзива кон достапни електрични возила има и намерата за намалување на трошоците за батерии, според кои истите треба да се намалат на под 100 долари по киловат-час во 2025 година, односно под 80 долари за киловат-час во 2030. Овие ценовни таргети „се во согласност со останатите западни производители, како и во опсегот кој се очекува за обемно производство на ЕВ батерии“. Кога станува збор за ЕВ батериите, Renault го најави и партнерството со францускиот стартап Verkor за заеднички развој на високо-перформансни, локално снабдени и одржливи батерии до 2022 година.
Renault исто така планира да го засили рециклирањето на батерии и да соработува потесно со своите јапонски партнери Nissan и Mitsubishi на батериска технологија и ЕВ платформи.