fbpx

Renault Koleos со ревидиран изглед

По три години, втората генерација на францускиот SUV добива суптилни надворешни промени и нови мотори и технологија

Втората генерација на Renault Koleos беше претставена во 2016 година, а после цели три години моделот добива фејслифт верзија, каде покрај ажурираниот изглед, добива и нови мотори и технологија.

Визуелните промени на надворешната страна се многу суптилни и вклучуваат измена на дизајнот во долниот дел на предниот браник, како и во пределот на светлата за магла, кои сега добиваат нов хромиран трим. Освен тоа, редизајнираниот Koleos сега како стандардни ги добива LED Pure Vision фарови, заедно со задните светла со 3D ефекти.

Renault Koleos

Во задниот дел, покрај светлата, промени има претрпено и дифузерот кој сега е со хромиран завршеток, додека пак задното светло за сопирачките добива поиздолжена форма. Надворешните ажурирања се завршени со додавање на новата Vintage Red метална боја и нови дво-тонски алуминиумски тркала.

Движејќи се кон внатрешноста, она што може да се вбројува во подобрувањата се новите материјали меки на допир, како и дво-степените седишта на задната клупа со специјална потпора за грб. Покрај тоа, R-Link2 инфозабавниот систем сега е подобрен со додавање на функцијата за интеграција на Apple CarPlay за iOS уредите, која се однесува за 7 и 8.7 инчните екрани. Француската компанија исто така го опреми новиот Koleos и со системот за автоматско сопирање и детекција на пешаци.

Renault Koleos

Редизајнот се однесува и на погонскиот простор, каде на листата на агрегати додадени се две нови дизел опции. Првата е 1,8 литарскиот dCi мотор, кој испорачува моќност од 148 коњски сили и 340 Nm вртежен момент. Втора опција претставува поголемата 2,0 литарска единица, која на Koleos му овозможува моќност од 187 коњски сили и вртежен момент од 380 Nm. Двата мотори се поврзани со X-Tronic CVT, додека пак поголемиот мотор се нуди со All Mode 4×4-i системот за погон на сите четири тркала.

Продажбата на редизајнираниот Renault Koleos ќе започне веќе следниот месец, со први испораки во октомври. Достапен ќе биде во нивоата на Iconic и GT-Line, а цените на понудените модели ќе бидат објавени во следните неколку недели.

Поврзани вести

Back to top button