Renault Le 5 Concept е модерна изведба на легендарниот хечбек
Renault 5 е иконски и легендарен европски хечбек кој се уште не е заборавен, а сега е реосмислен од страна на дизајнерот Марко Малтезе
Италијанскиот графички дизајнер Марко Малтезе, кој е пасиониран љубител на автомобили, одлучи да направи една модерна верзија на легендарниот Renault 5. Toj ги инкорпорираше легендарните класични линии на автомобилот во еден стилски нов модел со современа интерпретација, а резултатот на сето тоа е Le 5 Concept, кој е препознатлив и футуристички истовремено.
25 години откако престана да се произведува, славната „петка“ и понатаму ја распалува фантазијата кај дизајнерите и љубителите на автомобилите. Renault 5 дефинитивно е еден од најпрепознатливите и најуспешни модели во историјата на францускиот бренд. Само во првите 14 години од производството, во периодот меѓу 1972-1986, направени се и продадени преку 5,5 милиони примероци од ова возило. Поради тоа и не треба да зачудува што постојано се појавуваат нови модерни интерпретации на овој автомобил, а еден од нив е и Renault Le 5 Concept.
Почнувајќи од предниот дел, Renault Le 5 Concept се одликува со LED предни светла со карактеристичен дизајн. Тие се претопуваат во вертикално поставените дневни светла и се поставени над светлечката лента која минува низ истакнатиот амблем на Renault. Тука е и целосно затворената решетка, што навестува дека станува збор за автомобил со електричен погон, а крај неа се наоѓаат спортските отвори за воздух со златни акценти.
Меѓу останатите карактеристики тука е и контрастниот покрив, видео камерите наместо традиционалните ретровизори и аеродинамички тркала со трикрак дизајн.
Авантгардниот дизајн продолжува и на задната страна, каде се наоѓа вратата со огромно стакло опколена со уникатни задни светла. Забележлив е и минималистичкиот заден браник со златни акценти кој се совпаѓа со оној на предниот дел.