Renault официјално го претстави новиот Trafic E-Tech Electric
Новиот Renault Trafic E-Tech Electric пристигнува со до 450 км домет, 201 КС, 800V полнење и современа технологија

Renault на саемот Solutrans 2025 официјално го претстави Trafic E-Tech Electric, новата целосно електрична верзија на популарото комерцијално комбе. Моделот визуелно се надоврзува на Flexis Panel Van концептот и добива современ изглед со осветлено Renault лого, тенки LED светлосни водилки и ниско поставени предни светла. Иако функцијата е во фокусот, Trafic E-Tech Electric нуди визуелно поразвиена форма со црни заштитни елементи, динамична странична линија и практични асиметрични задни врати. Големите странични отвори овозможуваат лесно товарење на Euro палети, што е особено важно за професионалните корисници.

Практичност со две должини и голем товарен капацитет
Електричниот Trafic ќе биде достапен во две должини. Верзијата L1 е долга 4.870 милиметри и нуди 5,1 кубни метри товарен простор, додека продолжената L2 варијанта додава 400 милиметри на меѓуоскиното растојание, овозможувајќи вкупен капацитет од 5,8 кубни метри. И покрај големината, висината од 1.900 милиметри му овозможува на комбето непречен пристап до подземни гаражи, што го прави идеален избор за урбаните компании и транспортни служби.

Функционален и технолошки напреден ентериер
Иако примарната задача на Trafic E-Tech Electric е превоз на товар, Renault не ја занемари удобноста и технологијата во кабината. Внатрешноста нуди три седишта и современ „цевчест“ дизајн на инструмент-панелот, надополнет со голем број практични прегради и издржлива Zeta blue-jean обвивка со контрастни сиви детали. Технолошки, моделот се истакнува со 10-инчен дигитален инструмент кластер и 12-инчен openR evo инфозабавен систем ориентиран кон возачот. Навигацијата автоматски ги зема предвид вкупните димензии и товар на возилото, избегнувајќи несоодветни рути. Преку електричниот планирач, системот предлага оптимални локации за полнење. Како дополнителна опција, достапна преку OTA надградба, ќе биде и Google built-in интеграцијата.

Електричен погон со две батерија и до 450 km домет
Новата електрична верзија се базира на skateboard платформа и користи заден електромотор со моќност од 201 коњска сила и 345 Nm. Renault ќе понуди две типови батерии. Првата, со никел-манган-кобалт хемија, овозможува автономија од околу 450 километри според WLTP циклусот и ќе биде достапна уште на стартот. Подоцна ќе пристигне поекономичната LFP батерија, наменета за градско возење, со домет од околу 350 километри. Благодарение на 800-волтната технологија, полнењето од 15 до 80 проценти трае околу 20 минути, а моделот поддржува и Vehicle-to-Load и Vehicle-to-Grid функции.

Дополнително, Renault истакнува и извонредна агилност, со оглед на тоа дека радиусот на вртење е споредлив со оној на Clio, што е реткост за возило од оваа класа. Производителот во развојот користел повеќе од 23 проценти рециклирани материјали, следејќи ја стратегијата за одржливост на брендот.
Производство од 2026 и проширување на понудата
Производството на Trafic E-Tech Electric ќе започне во фабриката во Sandouville кон крајот на 2026 година, на иста линија со дизел верзијата. Панел-ван моделот ќе биде само почеток, бидејќи Renault веќе подготвува развиена гама со шасија-кабина, платформа-кабина, типпер, flatbed и cargo box верзии. Со ова, компанијата го зацврстува својот настап во сегментот на електрични лесни комерцијални возила, кој станува сè поконкурентен на европските пазари.
























