Renault Sport оди во историја, доаѓа Alpine Cars
Renault го пензионира својот легендарен „Renault Sport“ беџ, а сите спорски модели на марката отсега ќе бидат ребрендирани како Alpine
Францускиот производител Renault официјално објави дека дивизијата Renault Sport Cars заминува во историјата, односно ќе биде преименуван во Alpine Cars, како дел од новите стратешки планови на Renault Групацијата, кои првично беа најавени уште пред неколку месеци.
„Како дел од реорганизацијата на Renault Group по брендови, од суштинско значење е различните ентитети кои ја сочинуваат деловната единица да го носат Alpine името и да ги отелотворат вредностите и амбициите на брендот. Alpine има за цел да биде врвен спортски бренд и во првите редови на иновациите и технологијата. Alpine Cars со својата стручност и искуство во спортските возила е главната алка во исполнувањето на нашите цели“, истакна Лоран Роси, извршниот директор на Alpine.
Овој потег на Renault значи дека сите идни високо перформансни модели ќе го добијат Alpine беџот наместо R.S. кој се најде кај некои од најдобрите хот хеч модели во изминатите години. Според информациите, истите луѓе кои стоеја зад Renault Sport името ќе бидат задолжени и за идните Alpine модели.
Инаку, Alpine е подготвен да стане чисто електричен бренд, откако веќе ја најави соработката со Lotus за нов спортски автомобил, како и планот за претставување на хот хеч верзија на електричниот Renault 5, како и спортски кросовер модел.
„Со настанувањето на Alpine Cars, тимовите започнуваат со една нова динамика, богата со проекти што се спроведуваат со помош на Alpine Racing тимовите и сите деловни активности на Renault Групацијата. Ова е исклучително возбудливо време за нашите инженери“, додаде Роберт Бонет, директор за производствени перформанси и инженерство во Alpine.