Хрватите со конкурент на Tesla Roadster
Хрватскиот производител на супер автомобили, Rimac, планира да создаде електричен модел кој ќе биде директен ривал на втората генерација на Tesla Roadster
Неодамна Илон Маск го покажа новиот Roadster, кој ветува возбудливи искуства зад воланот – максимална брзина над 400 km/h, автономија со едно полнење од речиси 1.000 километри и забрзување од 0 до 96 km/h за 1,9 секунди. Само неколку дена по ова следеше реакција од Rimac. Јенс Свердуп дилер на Rimac за Северна и Јужна Америка, потврди дека компанијата неколку години развива електричен кабриолет, кој ќе дебитира следната година.
Ако се следи рецептот на Concept_One, идниот Roadster исто така ќе биде моќен и многу динамичен. Concept_One има моќ од 1.224 коњски сили и 2548 Nm максимален вртежен момент. Неговото забрзување од 0 до 96 km/h е 2,5 секунди, а максималната брзина е 354 km/h. Сепак, хрватскиот супер-супер автомобил е скромен во автономијата, само над 320 km со едно полнење.
Заедно со новиот модел Rimac планира да отвори и пет нови претставништва во САД во 2018 година, тоа е дел од програмата за развој на компанијата, овозможена по последната инвестиција од 33 милиони долари и доаѓа од најголемиот производител на акумулатори Camel Group во Азија.