Репортажа: Со Seat Ateca FR до FRанкфурт
Оваа година тимот на Авто Плус одлучи да го замени превозното средство до најголемиот европски салон за автомобили кој се одржува во Франкфурт, Германија
Наместо со авион избра да патува со преставникот во SUV сегментот на шпанскиот Seat, моделот Ateca во FR изведба.
Верзијата која ни беше на располагање го носеше знакот FR кој е позициониран речиси на врвот и за разлика од останатите изведби на Ateca на себе носи поспортска облека која се забележува штом го здогледате возилото. Предникот браник, страничните прагови, обликот на задниот браник и поголемиот кровен спојлер се само дел од додатоците кои први паѓаат во очи.
Внатрешноста е исто така збогатена со управувач кој е потсечен на долниот дел, седиштата се изведени во поспортски манир со одлична странична потпора и посебен материјал кој е наменет исклучиво за возилата кои го носат овој беџ. Моторната опција кај Ateca FR се состои од 2.0 литарскиот TDI агрегат кој располага со 150 КС а моќта преку мануелен менувач ја пренесува кон сите тркала. Автомобилот ни беше предаден на 10 дневно користење од маркетинг тимот на Порше Македонија и одговорното лице од Seat Македонија.
Патувањето кон нашата крајна цел стартуваше во недела наутро, по однапред предвиден распоред. Точно во 7.30 минути тимот ги прави последните проверки и се упатува кон граничниот премин Табановце и соседна Србија каде што наидовме на новиот систем на работа на граничните служи на двете земји. Задржувањето траеше околу 15тина минути.
Патувањето до Белград трае нецели 4 часа, а што е најважно од се, поголемиот дел од возењето се одвива со темпо од 130 км/ч. На патарината пред Белград одлучуваме да скршнеме и наместо традиционалното возење по градската гужва да одиме по обиколницата која е сеуште недовршена. Можеби е подолга опција, мерено во километри, но движењето е константно и без застој.
Се приклучуваме на автопатот кој води до индустриската зона во Инџија (голем број автомобилски добавувачи имаат свои погони) и продолжуваме кон најголемиот град во Војводина од каде што патот не насочува накај Суботица и граничниот премин со Унгарија. Пред самото влегување го полниме резервоарот во целост за прв пат откако тргнавме од Скопје.
На српската страна, чекањето и контролата на документи се сведува на речиси 20 минути. Шокот настапува веднаш кога ќе се влезе во меѓуграничниот појас. Од Хоргош па до преминот на унгарска страна има речиси еден километар, од тесното грло до ширењето на патот по кој се направени 6 колони за возила и уште по една за автобуси и камиони почнува битката за задржување на местото во колоната, секој од секаде сака да го заземе позиција која што ќе го однесе побрзо до пасошката контрола.
По час и триесетина минути конечно доаѓаме на ред, љубезните гранични службеници не замолуваат да го отвориме багажникот за да направат контрола на нашиот багаж. По краткиот разговор со нив за целта на патувањето, печатите се во нашите пасоши и следи кратко возење до куќарките каде што може да се купат вињети за Унгарија и Австрија.
Задржувањето е кратко и продолжуваме понатаму, патот не води кон Будимпешта, на обиколниот пат се изведуваат работни активности и брзината на движење на некои места е лимитирана на 60 или 80 км/ч. Ноќта полека почнува да паѓа а ние се приближуваме кон местото кое што е предвидено за преспивање. Во околината на Ѓор, во непосредна близина на австриската граница се сместуваме во хотел кој е на повеќе од половина пат до Франкфурт. Воедно тоа е и првата попатна станица на која правиме подолга пауза за одмор.
Наредниот ден, утрото започнува рано, одморени и спремни веќе во 8 часот сме во возилото, а за неколку минути веќе сме на австриска територја. Возиме по патишта кои се максимално одржувани, а учесниците во сообраќајот строго се придржуваат до пропишаните правила. Стрелаката на мерачот за гориво не предупредува и одлучуваме да застанеме на бензинска станица каде што ќе го наполниме резервоарот.
Цената на горивото во Австрија е далеку повисока од кај нас или Србија, особено на автопат каде што плативме повеќе од 1,7 евра за литар дизел. Ако имате време препорачуваме да се исклучите од главните патишта и наполните гориво во некое од околните места каде што често цената е пониска и до 40 центи по литар одколку на автопат. (цените на горивата, патарините и вињетите подолу во табелата)
Според нашите мобилни телефони веќе сме влезени во Германија, а тоа може да се забележи и по сообраќајот на патот, густината на возила е исклучително висока што само по себе наметнува побрз ритам на возење. Во близината на Инглштад каде што се наоѓа седиштето на Audi не дочекуваат дожд кој континуирано не прати на делот кон Нирнберг.
Следи предупредување на електронските надвозници, „Stau“, времето полека одминува а ние стоиме во место повеќе од 60 минути, никој не е нервозен ниту го има закрчено патот, сообраќајната култура налага да се остави доволно простор низ кој интервентно возило може да стигне до местото на несреќата.
По паузата и задвижувањето на колоната долга повеќе километри избираме алтернативен пат и се исклучуваме, тој не води низ живописни предели и уредно средени германски села. По краткото патешествие повторно се приклучуваме на автопат, дождот се предаде а ние веќе влегуваме во црвена зона.
Веќе се поставува прашање дали како единствени преставници од нашата земја ќе стигнеме на време на евентот кој го организира VW групацијата на ден пред официјалното отворање на вратите на саемот за новинарските екипи. Предвиденото време веќе не игра улога, ние сме на повеќе од 200 км одалеченост, мислиме на патот пред нас и се надеваме дека повеќе нема да се сретнеме со знакот „Stau“.
Продолживме понатаму без негативни мисли, за да стигнеме на нашето одредиште само 45 минути пред почетокот на настанот. Времето не гази а брзите подготовки и уиграност на тимот го прави своет, стигнувме на 5мин до 19.00 на „чек ин“ точката за одбраните гости кои први ќе ги видат новитетите кои ги подготви концернот за овогодинешното издание на IAA.
По 3 дневните активности на салонот за автомобили во Франкфурт дојде време за повторување на етапата но во спротивен правец. Како по обичај патувањето стартува рано, 8.30 е терминот на тргнување, движиме полека по автопатот бидејќи е време за на работа а колоните со автомобили се слеваат кон Франкфурт.
На само 30 километри на бензинска станица додека пиеме кафе пријде необележано возило од кое излегоа униформирани полицајци кои побараа да им ги покажеме нашите патни исправи, меѓународни возачки и национални дозволи. Навидум обична рутинска контрола, но по час и дваесетина минути полицајците излегоа и ни соопштија дека има проблем.
На два члена од тимот на Авто Плус во пасошите имаше само печат за влез во Грција но не и за излез од таа земја. Случката е од месец април кога тие лица патуваа на еднодневна презентација кај нашиот јужен сосед. Со овој чин се нарушува договорот по кој сите лица што не се од земја членка на ЕУ, имаат дозволен престој во некоја од земјите членки максимални 90 дена, по печатите во пасошите тој максимум е надминат.
Нашите објаснувања за настанот и честиот, неодговорен начин на однесувањето на граничните служби на Грција не им беше непознат на полицајците, но прекршокот е направен и мора да се санкционира со парична казна во висина од 150 евра од човек на лице место.
Доколку сакате да избегнете вакви непријатни ситуации проверувајте ги своите пасоши при влез или излез од било која земја, посебно ако патувате во група и доколку немате печат побарајте тој да биде ставен во вашата патна исправа.
По оваа непријатност продолжуваме по рутата која не носи кон Баварија, убавите предели и одличното време сеуште неможат да ја ублажат горчината која ја доживевме по пат. Првата пауза за кафе и ручек ја правиме при самото влегување во Австрија.
По патот кон Унгарија веќе автомобилот повторно не предупредува дека е време за полнење гориво, овој пат не брзаме никаде и се исклучуваме од автопатот, полниме гориво на локална бензинска станица за цена пониска од предходната за речиси 40 центи по литар.
Влегуваме во автомобилот и слушаме татнежи во позадина, група од 12 суперспортски автомобили со вклучен лев трепкач ја окупира левата коловозна лента и го зема автопатот во свои раце, веројатно станува збор за некој настан од типот на Gumball 3000 бидејќи автомобилите беа исшарани и украсени со налепници од покровителите на истото.
Возиме по пропишаните 140 км/ч и разговараме дали оваа опција е добра и дали би можела да се примени и во нашата земја. Во пријатна конверзација времето едноставно лета, па така, како што сонцето полека почнува да заоѓа ние сме се поблиску до хотелот во кој ќе преноќиме, истиот во кој што спевме и на одење кон Франкфурт.
Ноќта ја поминуваме во Унгарија, а утрото по пат ги сумираме впечатоците од салонот. Заклучокот е дека електрифаикацијата е веќе реалност и дека нема производител кој што во најмала рака не нуди најмалку еден хибриден и еден потполно електричен автомобил во своето портфолио, сите производители велат, ова е само почеток, главниот пресврт допрва доаѓа во наредните година или две.
Пополека се доближуваме до границата со Србија и се надеваме дека нема повторно да чекаме долг период, овој пат за да излеземе од Унгарија. Целата процедура завршува за 30 минути и ние сме веќе во панонскиот крај на Србија.
Температирата на воздухот е повисока, патиштата се се понеуредни, изгледа дека сме се поблиску до дома. Уште само 450 км и сме дома, рече некој во кабината. Се наоѓаме на делот од новата траса и полека се доближуваме кон Џеп, место на кое по традиција сме застанувале за мала пауза и маренда.
Овој пат не го направивме тоа. Желбата да се стигне дома пред полноќ е голема затоа продолживме кон граничниот премин каде што не дочека колона автобуси со туристи кои одат кон Грција со последните овосезонски тури. На граничниот премин се задржуваме прифатливи 20 минути и веќе сме на пат кон Скопје. Како што беше предходно планирано стигнавме пред полноќ, точно во 23.00 часот по вкупно 3.700 извозени километри.
Нашиот верен придружник Seat Ateca FR за целото наше патување ни овозможи пријатен амбиент со максимален комфор и простор за целата опрема и личен багаж на тимот. Потрошувачката на гориво, особено ако се земе во предвид темпото на возење и (пре) полниот багажник изнесува разумни 6.7 литри на секои 100 изминати. Задоволството зад управувачот и останатите квалитети кои ги поседува се на завидно ниво и истите често неможе да се забележата и да се откријат со кратко тест возење.
km Скопје-Франкфурт-Скопје | 3.700 km |
Гориво (6 резервоари) | 270 литри |
Гориво (цена по литар 1,3-1,7 евра) | 340 евра |
Патарини (МК, СРБ, Вињети) | 72 евра |