Салонот во Детроит за 2021 повторно поместен
Меѓународниот Салон за автомобили во Детроит традиционално се одржува во јануари, но беше преместен во јуни, а сега повторно се менуваат плановите
Салонот во Детроит беше планиран да се одржи во јуни годинава со цел да може да се одржуваат настани на отворено и да се дистанцира од CES и Салонот во Лос Анџелес. Првиот летен настан беше планирано да се одржи оваа година, но тој не се случи поради пандемијата на коронавирусот. TCF Центарот беше пренаменет во болница и организаторите најавија дека манифестацијата ќе се врати во јуни 2021 година.
Но, сега пристигнува вест дека настанот е повторно поместен. Салонот во Детроит сега е закажан да започне на крајот од септември и да трае до 9 октомври. Организаторите исто така ветуваат дека ќе претставува „глобален лидер кога станува збор за актуелните производи и мобилноста на следната генерација, комбинирано со активација на голем број брендови и пристап до производи како за меѓународните медиуми така и за јавноста“.
Ова звучи мошне оптимистички со оглед на тоа дека Салонот во Детроит претставува сенка на некогашната славна манифестација, но извршниот директор на NAIAS (North American International Auto Show) Род Албертс вели: „Ние разговаравме со голем дел од нашите партнери, особено со изложувачите и тие се согласни и возбудени околу промената на датумот“.
Останува на есен и во иднина
Покрај тоа што Салонот во Детроит е поместен за на есен идната година, организаторите открија дека се откажуваат за летното одржување на настанот воопшто со најава дека во иднина ќе се одржува на есен. Ова може да биде лоша идеја, ако се земе предвид дека ќе добие конкуренција во вид на IAA во Минхен, кој претходно се одржуваше во Франкфурт, а кој започнува кон почетокот на септември.
„Септември е одличен период од годината за нови производи, а истовремено ги олеснува предизвиците за сега пребукираниот пролетен календар на автомобилски салони кој е исцрпувачки за производителите“, изјави Албертс.
Кога станува збор за датумите, Салонот во Детроит ќе се одржи на 28 и 29 ноември за новинарите, а за јавноста настанот почнува од 2 октомври и трае до 9 октомври.