Салонот во Њујорк не издржа, одложен е за во август!
Коронавирусот го зема својот замав и успеа да нанесе штета на уште еден автомобилски настан, овој пат на Салонот во Њујорк кој требаше да се одржи во април
За разлика од организаторите на автомобилската манифестација во Женева, Салонот за автомобили во Њујорк сепак не е откажан, туку само одложен за август, што значи дека нема да се одржи во април. Наместо тоа, меѓународниот Салон за автомобили во „Големото јаболко“ ќе се одржи од 28 август до 8 септември.
Претседателот на асоцијацијата која е организатор на овој автомобилски настан, Марк Шинберг, за медиумите истакна дека одлуката била добро промислена пред да биде донесена и дека во овој момент тоа е сосема логична постапка. „Сакаме да го заштитиме здравјето на посетителите, изложувачите и организаторите. Нашето мото е show must go on, така што веруваме дека новиот датум на одржување на авто-салонот ќе ги задоволи и изложувачите, но и посетителите. Ние веќе стапивме во контакт со голем дел од изложувачите и партнерите кои се убедени дека новите датуми за оваа година ќе придонесат за уште еден успешен настан“, стои во соопштението за јавноста од Марк Шинберг.
Како сето ова ќе се одрази на премиерите кои требаше да ги видиме во Њујорк, останува да се види. Поголемиот дел од производителите кои ги најавија дебијата на своите новитети за Салонот за автомобили во Женева, по откажувањето на манифестацијата се одлучија за дигитална презентација на своите модели преку интернет.
Салонот за автомобили во Њујорк се приклучи на брзорастечката листа на настани кои се откажани или одложени поради загриженоста од брзото ширење на Covid-19, болест предизвикана од нов вирус кој е член на семејството на коронавируси. Covid-19, кој е „близок роднина“ на SARS и MERS вирусите кои предизвикаа хаос во минатото, предизвика голем број влади и компании да ги откажат технолошките, бизинс и автомобилските настани ширум светот.
Инаку, според последните информации, во САД се регистрирани најмалку 647 случаи на заболени од коронавирус, додека бројот на починати изнесува 28.