fbpx

Шарл Леклер и SF90 Stradale со главните улоги во филмот Randez-vous

Шарл Леклер и Ferrari SF90 Stradale ќе ја имаат главната улога во продолжението на еден од најпознатите автомобилски филмови C'était Un Rendez-Vous во Монако

Со оглед на тоа дека овој викенд требаше да се одржи Formula 1 трката во Монте Карло, но истата е откажана поради пандемијата на коронавирусот, од Ferrari сепак имаа активности на славната патека. Од италијанската компанија открија дека сакаат да направат римејк или продолжение на еден од најпознатите автомобилски филмови на сите времиња C’était Un Rendez-Vous. Филмот ќе го носи името Le Grand Rendez-vous и ќе се снима на уличната патека во Монте Карло.

Formula 1 возачот на Ferrari Шарл Леклер, кој потекнува од Монако, ќе го вози новиот Ferrari SF90 Stradale хибриден суперавтомобил на затворената F1 патека во Монте Карло. SF90 Stradale е најновото инженерско ремек дело на италијанската компанија и претставува првиот хибриден продукциски модел на Ferrari.

Од Ferrari веќе го објавија и тизерот од филмот. Истиот ќе биде дело на режисерот Клод Лелуш, кој го режираше и оригиналниот C’était Un Rendez-Vous. Овој филм оригинално е снимен во Париз во 1976 година. Желбата на Лелуш била да сними сцени низ улиците на Париз при високи брзини, прикажувајќи ги најпознатите глетки од градот. Клод побарал од француската влада да ги затвори улиците за да може да го сними својот филм. Сепак, барањето било одбиено. Ова не го запрело Клод Лелуш да го направи својот филм сеедно. Тој го започнал своето возење со висока брзина низ градот едно августовско утро, кога најголемиот дел од парижаните се на одмор.

За да го направи овој филм, Клод немал GoPro камери и пријатели со дронови. Наместо тоа, тој поставил 35mm камера на предниот браник од својот Mercedes 450 SEL 6.9. Оваа нестабилна сирова снимка забележува иникатни моменти во Париз за време на високо нелегално возење низ виртуелно напуштениот град. Само две лица знаеле за плановите на Клод, неговиот асистент и неговата девојка.

https://youtu.be/HgPoiKiMRFQ

Каква врска има Ferrari со сето ова? Имено, за да додаде драматични ефекти во филмот, Клод го искористил звукот на својот Ferrari 275GTB како дел од филмот. Со оглед на тоа што може да се види каков автомобил вози во филмот, лесно било да се претпостави дека всушност станува за Ferrari кој брза низ улиците на Париз.

Во секој случај, од Ferrari објавија тизер од снимањето на краткиот филм Le Grande Rendez-vous. Возачот на Ferrari, Шарл Леклер, на истиот ден кога требаше да се вози трката за Големата награда на Монако, ја извозе патеката со SF90 Stradale. Според соопштението објавено од страна на италијанската компанија, Леклер достигнал брзини од 240 километри на час.

„Новиот краткометражен филм ги евоцира спомените на популарната трка во Монте Карло и звукот на Ferrari 275GTB кој стана инстантно препознатлив преку филмот снимен во 1976 година во Париз“, велат од Ferrari.

Секако, од голема помош за Ferrari при снимањето на овој филм беше фактот што немаше сообраќај низ Монте Карло. Тоа му овозможи на Леклер да го ослободи целосниот потенцијал на SF90 Stradale. Од Ferrari се навистина возбудени поради снимањето на краткометражниот филм, за кој велат дека испраќа „порака за оптимизам и го најавува првиот чекор кон враќањето на мотоспортот, филмот и социјалниот живот по пандемијата на коронавирусот, но и како поддршка за своите тифози, клиенти и поддржувачи како порака за надеж“.

„Ова беше фантастичен ден, неверојатно искуство. Автомобилот е неверојатен за возење, поседува голема моќ. Јас за прв пат го возев, но наскоро ќе имам повеќе време да уживам во него“, изјави Леклер.

Le Grand Rendez-vous филмот ќе ја доживее својата премиера на 13 јуни.

Поврзани вести

Back to top button