Seat ги претстави освежените Arona и Ibiza
Seat ги освежи Arona и Ibiza со нов дизајн, подобрен ентериер и модерна опрема. Продажбата започнува во јануари 2026

По претходните најави и тизери, SEAT официјално ги претстави фејслифт изведбите на своите најуспешни модели – Arona и Ibiza. И двата автомобили добиваат освежен дизајн, модернизирани ентериери и надградена стандардна опрема, со цел да останат конкурентни во густата класа на градски модели и кросовери.

Освежен дизајн и нова визуелна идентификација за Arona
Фејслифт изведбата на Arona добива поизразен преден дел, со нова маска со хексагонална структура и потесни LED светла кои нудат подобрена видливост и поголем опсег на осветлување. Предниот браник исто така е редизајниран и добива поагресивен изглед, додека магленките се поставени повисоко за визуелен баланс и динамика.
На задниот дел, Arona добива стандардни LED светла, нов алуминиумски дифузор со темна завршница и „рачно напишено“ SEAT лого, што додава премиум нота. Нови се и дизајните на 16- до 18-инчните тркала, како и три нови бои на каросеријата: Liminal, Oniric и Hypnotic, со можност за покрив во контрастни нијанси Midnight Black или Manhattan Grey.

Побрз и попремиум ентериер
Промените во внатрешноста се суптилни, но целосно ориентирани кон подобрено чувство на квалитет. Сега Arona доаѓа со нов шестканален аудио систем, перфориран кожен волан и релјефни текстилни седишта. Достапен е и бежичен полнач од 15W, додека инструмент-таблата и инфозабавниот систем се надградени на 8-инчен дигитален дисплеј и 8.25-инчен мултимедија систем (со опција за единици со димензии од 10.25″ и 9.2″).

Проверени и ефикасни бензински мотори
Под хаубата, Arona продолжува со добро познатата TSI гама составена од препознатливиот и базичен 1.0 TSI со 95 КС и 5-степен мануелен менувач, потоа следува помоќната 1.0 TSI варијанта со 115 КС, која е достапна со 6-степена рачен или 7-степен DSG менувач, додека на врвот на понудата е верзијата со 1.5 TSI мотор со 150 КС, која е достапна единствено во комбинација со DSG.
Ibiza со слично освежување, но во класичен хечбек стил
Популарниот хечбек Ibiza ги следи истите визуелни насоки: нова предна маска, потесни LED светла, редизајнирани бандажи и поспортски преден браник со поголеми воздушни отвори. Новиот заден браник со хоризонтален декоративен елемент создава визуелна поширока силуета, а Ibiza скриптата на задниот капак додава елегантен финиш.

Опремата во ентериерот е речиси идентична со Arona – нова текстилна облога на вратите, темен плафон и истите системи за мултимедија и поврзување.
Покрај TSI гамата заедничка со Arona, Ibiza нуди и 1.0 MPI мотор со 80 КС, поврзан исклучиво со 5-степена мануела, како економична опција за градско движење.

Производство и пазарен старт
И двата модели ќе продолжат да се произведуваат во Барселона, а почетокот на продажба е најавен за јануари 2026 година.
 
				


























































