Нов сервисен центар на Аутомакедонија во Скопје
Новиот центар покрај тоа што ќе ги извршува услугите за партнерите на Аутомакедонија, ISUZU, WABCO, VDL, HYVA, HALDEX, LIQUI MOLY ќе функционира и како мулти бренд сервис
Во Скопје, во комплексот на поранешна Стакларница, Аутомакедонија свечено го отвори својот нов сервисен центар за камиони, автобуси и механизација. На отворањето присуствуваа голем број гости, претставници на странските реномирани партнери ISUZU, WABCO и VDL, како и на амбасадорката на Јапонија во нашата земја. Всушност станува збор за проширување со повеќе позиции и капацитети на веќе постоечкиот сервис на компанијата, кои сега е опремен со врвни технологии во склад со современите текови и побарувањата на принципалите на компанијата.
На настанот, за прв пат, официјално беа промовирани три автобуси од палетата на ISUZU од фабриката во Турција. Со која Аутомакедонија потпиша ексклузивен договор за Македонија и Србија. Договор за Service Point е потпишан и со холандскиот производител VDL, како и за пласман на автобуси од втора рака по атрактивни цени, директно од фабриката во Холандија.
– Започнатата соработка од пред неколку години со јапонскиот партнер ISUZU ја прошируваме во поголеми размери и во иднина ќе бидеме дистрибутери и за нивните автобуси. Со цел што поадекватно опслужување, односно сервисирање на автобусите и камионите го отвораме овој наш центар. Во него ќе може да се добијат и други адекватни зафати, бидејќи станува збор за мошне современ објект со врвни технолошки помагала и проверен и обучен кадар, истакна на отворањето на центарот директорот на Аутомакедонија, Зоран Василевски.