Шангај 2021: Премиера за Audi A6 e-Tron Concept
По претставувањето на Q4 e-Tron минатата недела, како и e-Tron GT кон почетокот на годинава, Audi на Салонот во Шангај го претстави и A6 e-Tron концептот
Audi A6 e-Tron Concept го забележа своето деби на Салонот во Шангај, со што германскиот производител продолжува со електричната офанзива и засилување на својата e-Tron постава, откако минатата недела беше претставен Q4 e-Tron, а претходно оваа година дебитираше и Audi e-Tron GT.
Единственото нешто што овој концепт го споделува со „традиционалниот“ A6 се неговите димензии кои изнесуваат 4,96 метри во должина, 1,96 метри ширина и 1,44 метри во висина. Овој A6 e-Tron Concept го најавува првиот електричен модел на Audi кој ќе биде поставен на новата PPE платформа развиена заеднички со Porsche. По овој модел ќе следуваат и Q5 e-Tron и Q6 e-Tron кои ќе пристигнат во 2022 година. Од Audi истакнуваат дека првите продукциски верзии базирани на PPE платформата ќе ги претстави во втората половина на следната година.
Карактеристичен Audi дизајн
Кога станува збор за дизајнот, A6 e-Tron концептот е Sportback модел, односно купе со пет врати. Иако со претставувањето на Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback се сметаше дека Audi ќе отстапи од својот препознатлив дизјанерски јазик, сепак A6 e-Tron концептот ја задржува познатата дизајнерска филозофија, но со неколку воочливи промени.
Како што може да се очекува од еден ЕВ, аеродинамиката игра клучна улога, па така „лизгавата“ форма е неопходна со цел да се минимизира воздушниот отпор и да се максимизира опсегот на движење. Овој концепт на Audi има импресивен коефициент на оптор од 0.22, a свој удел во тоа има и агресивниот дифузер кој го канализира воздухот за да ги намали турбуленциите.
Специјална боја за поголема ефикасност
Концептот пристигнува во Heliosilver финиш на екстериерот, боја за која Audi вели дека ја нагласува естетската присутност на Audi A6 e-Tron Concept со „тродимензионален длабочински ефект“. Но, не станува збор само за изгледот, бидејќи од Audi нагласуваат дека оваа боја може да рефлектира значителен процент на термалната радијација во сончевите зраци, со што се намалува и количината на енергија која влегува во каросеријата на возилото и пред се во ентериерот. Оваа боја е толку ефикасна во одбивањето на термалната топлина што Audi вели дека патниците нема да мораат да го користат клима-уредот во голем број на ситуации.
Audi A6 e-Tron концептот го носи препознатливиот светлечки систем на компанијата на едно ново ниво со своите Digital Matrix LED предни светла кои можат да остигнат речиси кинематски квалитет. Со функција на мини проектори, Audi A6 e-Tron ќе може да проектира мултиплеер видео игра на ѕидот пред него. Концептот исто така добива и нови 3D светла на задниот дел. Станува збор за нова генерација на OLED елементи кои служат за прикажување како континуирана светлечка лента. Исто така можат да креираат речиси бескрајни персонализирачки варијации на дигитални светлечки потписи, додека прикажувањето на индикаторите за насока можат да бидат адаптирани по вкус на купувачот.
Над 700 километри автономија
A6 e-Tron поседува 100 kW батерија поставена на средина од автомобилот и поседува 800-ватна полнечка технологија, иста како кај e-Tron GT, со што се овозможува функција на брзо полнење на компатибилни полначи. Од Audi велат дека само 10 минути се доволни за да се наполни батеријата за опсег од 300 километри, а потребни се помалку од 25 минути за да се дојде од 5 до 80 проценти капацитет. Според информациите, вкупниот опсег на движење на овој концепт е преку 700 километри.
Концептниот модел има поставка на два електромотори со 470 КС и 800 Nm вртежен момент кои му овозможуваат погон на сите четири тркала на моделот. Од Audi велат дека базичните модели, кои веројатно ќе имаат само еден електромотор ќе забрзува до „стотка“ за околу седум секунди, додека на високоперформансните варијанти ќе им требаат помалку од четири секунди.
Како што наведува и самото име, PPE (Premium Platform Electric) архитектурата е наменета за автомобили со премиум аспирации. Поддржува подолго меѓуосовинско растојание од MEB платформата која се користи за производството на Audi Q4 e-Tron. Во меѓувреме, Audi e-Tron GT е поставен на J1 платформата која ја споделува со Porsche Taycan.
А6 e-Tron концептот е првиот модел кој ќе ја добие PPE платформата, која иницијално ќе се најде кај моделите од C сегментот, а подоцна и кај возилата од B и D сегментот. Електричните возила на Audi базирани на PPE ќе се произведуваат во Европа и Кина, со тоа што производителот ќе го засили своето партнерство со кинескиот производител First Automobile Works (FAW).