Тест Volvo V60: Шведски челик
Volvo V60 со сигурност нема да го помешате со модел на друг производител бидејќи неговиот дизајн е олицетворение на скандинавската школа која не се обидува да следи ниту еден трендовски правец нити стил што предходно го наметнал некој друг
По неколку годишно опстојување на пазарот со производи кои имаа сериозни години, Volvo ја измени својата стратегија и започна со силна офанзива за обновување на гамата. Иницијално, преобразбата започна во 2014 со преставување на новата архитектура и потполно новиот дизајнерски јазик, а честа прв да ги понесе новините му припадна на големиот SUV – XC90.
Од тогаш до крајот на 2017 речиси сите постоечки модели беа заменети со потполно нови извеби, а некои беа за прв пат претставени, единствено моделот V60 остана во сенка. Но не за долго, на женевскиот салон во 2018, Volvo на светот му ја покажа најнова креација од „шведски челик“ во облик на новиот V60, создаден да им конкурира на моделите од големата германска тројка во специфичниот сегмент на премиум каравани.
Динамичен дизајн со елегантен карактер
При првата средба со V60 неможе, а да не се забележи дека делува како намалена верзија на моделот V90. Стилскиот израз што е употребен на моделите S90 и V90 е адаптиран и на автомобилите од сегментот подолу, факт кој не треба да се зема за зло, бидејќи знаменосецот на шведската марка важи за еден од најелегантните автомобили на денешницата.
Токму поради тоа новиот V60 изгледа многу посекси и посвежо отколку неговите германски конкуренти. Со предниот дел доминираат светлосните склопови во облик на „Чеканот на Тор“ поставени на самите краеви од предницата движејќи се до хоризонтално поставената маска со конвексен пресек, создавајќи прецизен облик кој во исто време е спортски и елегантен.
Профилот на V60 делува атлетски пред сè поради благо опаѓачката линија на покривот кон задниот дел каде што завршува во спојлер, за дополнување на впечатокот тука се испапчувањата над тркалата кои ја нагласуваат динамичната карактерна линија на караванот. Задниот дел на секој караван од шведската марка е препознатлив по традиционално вертикално поставени светлосни групи кои во случајов се трендовски инкорпорирани во обликот на каросеријата со што ја прават целосна сликата за вистински „Life Style“ автомобил.
Амбиент по скандинавски терк
Кабината на V60 е уредена по истиот скандинавски, минималистички терк кој Volvo го употребува кај останатите автомобили од гамата. Мерачите пред возачот се репродуцирани на 12,3“ дигитална инструмент табла која дозволува комплетна персонализација на приказот. Volvo никогаш не прави компромис за внатрешноста и ја обезбедува најдобрата кабина во соодветниот сегмент.
Паркирајте се на предните седишта и веднаш ќе забележите дека се извајани и обликувани на начин да ве поддржат од сите дадени моменти. Простор на предниот дел има во изобилство, а благодарение на новата Scalable Product Architecture (SPA) која е продожена за 10 см за разлика од предходната V60 овозможува лицата на задната клупа да патуваат комфорно како во возило од класа погоре.
Изборот на материјали за изработка на внатрешноста е со висок квалитет, а нивото на завршна обработка е на завидно ниво. Целокупниот впечаток на пространост и несекојдневност во кабината на тестираниот модел додава и комбинацијата на светла кожа и текстил проткаен во стилот на „Burberry“ збогатен со елементи кои наликуваат на четкан алуминиум по должината на централната конзола.
Бидејќи станува збор за караван неизоставно е да се спомене и багажниот простор. Негова силна страна покрај волуменот од 530 литри, кој патем е поголем од германските ривали е и нискиот под кој овозможува лесно внесување на товарот и правилниот облик во основната конфигурација.
За оние кои често имаат потреба од повеќе простор секогаш постои можност да се соборат потпирачите на задните седишта со што волуменот се искачува на 1.440 литри. Познато е дека инфо-забавениот систем Sensus со вертикално поставениот 9“ екран на допир е заштитен знак на марката и кај секој модел доаѓа како стандард, а со него и поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto.
Во Volvo претпочитаат секундарните функции од автомобилот да се контролираат преку екранот, иако движењето низ менито е интуитивно, а одзивот брз, сепак за користењето на некои функции да биде поедноставно подобро да имаат засебни физички контроли.
Комбинација помеѓу комфор и динамика
Кај моторната понуда во Volvo V60 има за секого по нешто, тука се дизелите, турбо бензинските агрегати како и хибридните изведби кои комбинираат бензински и електричен погон. Вредно е да се напомене дека ниту еден агрегат не користи зафатнина поголема од 2 литри.
Во тестираниот автомобил работеше дизелската верзија од 150 КС која е споена со 8 брзинска автоматска менувачка кутија. Од неговата зафатнина е истисната влечна моќност од 320 Nm која во целост е на располагање во распон од 1.750 до 3.000 врт.мин. Автомобилот тежок речиси 1.700 килограми го задвижува без мака, за спринт од место на мирување до 100км/ч му се потребни 9,9 секунди додека максималната брзина изнесува 205 км/ч.
Перформанси кои ги нуди се повеќе од доволни, особено ако се земе во предвид дека за секои 100 изминати километри во комбиниран циклус на возење ни беа потребни 7 литри гориво. Што се однесува до возните својства Volvo V60 е во самиот врв на класата.
Потпирањето и суспензијата се одлично сетирани, иако се смета дека шведскиот производител е пред сè ориентиран кон конфорот ако од него се побара овозможува и доста динамично возење. Тоа го дозволува прекинувачот сместен зад менувачот преку кој може да се избере еден од 4 модови за работа.
Новиот V60 најдобро се однесува на автопат каде што едноставно ги голта километрите, одлично ја балансира својата тежина кога ќе се влезе во серија од долги и брзи свијоци, единствено од баланс може да се исфрли кога од него ќе се побара да биде агресивен и често да го менува правецот на движење на локални патишта со многу кратки свијоци.
Сепак тоа и не е неговата основна намена туку да преставува сигурен семеен крстосувач на кого тркачките аспирации му се во втор план.
Ниту едно Volvo не би било целосно доколку не поседува највиско ниво на безбедност, што значи дека ни V60 не е исклучок. Во него како стандардна опрема се добиваат голем број на системи кои се грижат за безбедноста на патниците и останатите учесници во сообраќајот, а како опција во тестираниот примерок беа вградени дополнителни активни и пасивни системи што го прават овој модел да биде еден од најбезбедните автомобили во светот.
Volvo V60 најчесто е избор на лица кои не сакаат да се истакнуваат премногу во околината и да бидат дел од нешто веќе видено. Таквите поединци веќе имаат изградено јасен стилски израз и целат кон возило кое поседува уникатен имиџ, несекојдневно високо ниво на безбедност и секако, премиум квалитет.
Технички податоци за Volvo V60 Momentum 2.0 D3 |
|
мотор | Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.969 sm3 |
пречник и од | 82,0 x 93,2 mm |
степен на компресија | 16,0:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 150 KС (110 kW) при 3.750 min/-1 |
макс. вртежен момент | 430 Nm при 1.750-3.000 min-1 |
трансмисија на задните тркала | преку 8-степен автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонов систем за потпирање, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
каросерија | караван со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.761 x 1.850 x 1.432 mm |
меѓуоскино растојание | 2.872 mm |
траги (напред/назад) | 1.603/1.603 mm |
тежина | 1.690 kg |
максимална тежина | 2.190 kg |
багажник | 530 литри |
резервоар | 55 литри |
максимална брзина | 205 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 9,9 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,2/5,5/4,7 l/100 km |
емисија на CO2 | 120 g/km |
Повеќе информации во Премиум АГС или на тел. (02) 615 99 30
Конкуренти:
BMW Серија 3 Touring oд 35.450 до 61.000 евра
Mercedes C-Класа караван oд 37.990 до 102.680 евра