Škoda го модернизираше култниот 200 RS спортски автомобил
Škoda 200 RS е еден од најпознатите спортски автомобили на чешката компанија кој своевремено се натпреваруваше во Светскиот рели шампионат
Фановите на Škoda со сигурност добро се сеќаваат на адутот на чешкиот производител во Светскиот рели шампионат, моделот 200 RS. Рели иконата имаше мошне несреќен живот. Имено, пред Škoda да го подготви 200 RS моделот за сезоните 1974 и 1975, правилата се променија, а тоа предизвика производителот да ја промени својата стратегија и да го претстави 130 RS. Останатото е историја.
Но, тоа не значи дека 200 RS ќе биде фрлен во заборав. Даниел Петр, еден од најдолговечните луѓе во дизајнерскиот оддел на Škoda направи модернизација на подзаборавената тркачка легенда соодветна за 21 век.
Проектот е дел од „Icons Get a Makeover“ серијалот на Škoda. Овојпат, задачата му припадна токму на Петр, кој очигледно има длабока вклученост во дизајнирањето на Škoda моделите за мотоспортот. Тој исто така е автор и на Octavia WRC специјалниот дизајн.
За неговата модерна интерпретација на култниот Škoda 200 RS, Петр креираше еден целосно поинаков пристап кон дизајнот, истакнувајќи дека „не сака автомобилот да изгледа како оригиналот на прв поглед“. Тој сепак ги задржа белите и црвените графики, кои очигледно потсетуваат на оригиналната „униформа“ на 200 RS.
И покрај тоа што изгледа како целосно поинаков модерен автомобил, со триаголни LED фарови, отвор за воздух на покривот, карактеристични ретровизори и голем заден дифузер – модерниот Škoda 200 RS сепак оддава почит на минатото со неколку впечатливи детали. Тука се вклучени графиките на страничните прозорци, предната решетка, задниот спојлер и златните тркала.
Но, не се сите ставени само естетски. Петр вели дека го дизајнирал модерниот 200 RS со фокус на функционалноста. „Помислив и на разладувањето на моторот и сопирачките, на пример, на аеродинамичките елементи, севкупната ергономика на автомобилот“, истакна тој.