Škoda го објави првиот тизер за ентериерот на новата Fabia
Чешкиот производител го објави првиот цртеж за ентериерот на новата генерација на субкомпактниот хечбек Fabia со што добиваме увид како ќе изгледа внатрешноста на моделот
Според цртежот кој го објави, Škoda во новата Fabia ќе го примени истиот дизајнерски рецепт кој може да се најде кај новата Octavia, а тоа значи нов двокрак управувач, слична контролна табла, како и дигитален инструмент кластер и поголем инфозабавен екран.
На контролната табла се интегрирани два кружни отвори за вентилација на двете страни, додека во стандардната опрема купувачите ќе добијат 6,8-инчен екран на допир од инфозабавниот систем. Како опција, ќе се нуди поголемиот, 9,2-инчен екран заедно со 10,2-инчниот дигитален инструмент панел. Исто така, тука се и новите контроли за клима-уредот, додека на двете страни од централната конзола се наоѓаат два реда копчиња заедно со традиционална рачна паркинг сопирачка.
Со префрлањето на MQB-A0 платформата значи дека четвртата генерација на Fabia сега има поголема пространост во внатрешноста. Освен тоа, новата архитектура е компатибилна со помодерни погони, а како што Škoda веќе најави, Fabia ќе пристигне со природно аспириран 1,0-литарски трицилиндерски мотор со две нивоа на моќност од 65 и 80 КС, во кобминација со петстепен мануелен менувач. Помоќниот 1,0-литарски турбо мотор ќе пристигне со 95 и 110 КС, каде послабиот ќе биде со петстепен мануелец, а помоќниот со шестстепен мануелен или опционален седумстепен DSG менувач. Варијантата со 1,5-литарски мотор и 150 КС ќе доаѓа во комбинација со седумстепен DSG и ќе биде поставен на врвот на опсегот.
Новата Škoda Fabia исто така ќе пристигне со полуавтономни возачки функции и поголем асортиман на безбедносни системи. Премиерата на новата генерација на субкомпактниот хечбек ќе се одржи на 4 мај, а ќе се најде во продажба подоцна оваа година.