Škoda ја претстави новата Octavia Scout

Škoda ја прошири својата понуда за актуелната генерација на Octavia со практичната караванска верзија Scout како алтернатива за SUV

По лансирањето на RS верзијата претходно оваа година, Škoda сега ја проширува понудата на Octavia со лансирањето на верзијата Scout. Исто како и претходникот, новата Škoda Ocatvia Scout и овој пат се нуди исклучиво во практичната караванска верзија. Со цел да се намали цената, Škoda новата Octavia Scout, која сега е поставена 15 милиметри повисоко, ќе ја нуди и во комбинација само со преден погон, што претходно не беше случај, но се очекува повеќето купувачи сепак да го избираат Scout со погон на двете осовини.

Со оглед на тоа дека е дел од Volkswagen групацијата, не треба да зачудува што Škoda Octavia Scout пристигнува со широка палета на моторни единици. Послабиот четирицилиндричен турбобензински мотор се крие зад ознаката 1.5 TSI кој располага со 150 КС и заедно со основниот 2,0-литарски турбодизелски мотор (115 КС) ќе се нуди во комбинација со рачен шестстепен менувач. Истиот бензински мотор, со асистенција на блага хибридна технологија (е-TEC) за пренос на силата користи седумстепен автоматски менувач со двојна спојка, а значително помоќниот бензински мотор со 190 КС кој се крие зад ознаката 2.0 TSI е комбиниран со автоматски менувач и интегрален погон.

Škoda Octavia Scout

Најголема моќност во Scout нуди 2,0-литарскиот турбодизелски мотор TDI EVO кој испорачува 200 КС и 400 Nm максимален вртежен момент се нуди исклучиво во комбинација со интегрален погон и автоматски менувач. Во секој случај, Škoda Octavia Scout нуди голем капацитет на багажникот – 640 литри, како и кросоверски детали на каросеријата и адекватна заштита на елементите од подвозјето, а стандардните 18-инчни тркала со доплата можат да се заменат со 19-инчна опција.

Богата опременост како дел од стандардната понуда

Со оглед на тоа дека е базиран на последната генерација на Octavia Combi, новиот Scout е 16 милиметри подолг и 15 милиметри поширок во однос на старата верзија. Лесно може да се забележи дека станува збор за авантуристичка верзија пред се поради заштитата на подвозјето на предниот и задниот дел обложен со алуминиум, заедно со пластичната прекривка над лаковите од тркалата.

Škoda Octavia Scout

Škoda исто така направи и неколку промени во внатрешноста со цел да го оддели Scout од остатокот нa Octavia верзиите. На пример, седиштата се ексклузивни само за овој модел, а исто така како опција се нуди и детали со дрвени мотиви на контролната табла, комплементирани со кафени штофови низ кабината. Škoda додаде и неколку хромирани детали на централната конзола, деталите на вратата и рачките.

Škoda Octavia Scout

Чешката верзија на VW Golf Alltrack ќе се појави во европските продажни салони во втората половина на оваа година со збогатена листа на стандардна опрема. Тоа вклучува сребрени шини на покривот, греачи на електричните ретровизори како и LED „магленки“, заедно со опционалните додатоци како што се фул LED matrix предни светла и 10-инчен екран на допир за инфозабавниот систем.

Повеќе детали за новата Škoda Octavia Scout ќе бидат објавени кон почетокот на јули кога чешката компанија ќе открие вести за новите одлики на својот бестселер.

Поврзани вести

Back to top button