Škoda Octavia ја доби својата Sportline верзија
„Знаменосецот“ Superb беше првиот модел на Škoda кој доби свој Sportline третман, а сега редот дојде и на Octavia која добива неколку унапредувања
По Superb, Kodiaq, Karoq и Enyaq iV кои добија свои Sportline верзии, Škoda подготви ваков третман и за уште еден свој адут, а тоа е моделот Octavia. Чешкиот производител за прв пат го воведува Sportline нивото на опременост кај Octavia, со што моделот од C сегментот добива козметички унапредувања со RS карактеристики, но без дополнителните перформанси.
Црните дизајнерски елементи се она што го издвојуваат Sportline од останатите пониски нивоа на опремност, заедно со суптилниот заден спојлер за лифтбек верзијата. Octavia Sportline е поставена на 17-инчни тркала со полиран црн изглед, но купувачите како опција ќе можат да ги изберат 18 или 19-инчните тркала кои се ексклузивни за караванската верзија. Sportline беџовите ја заокружуваат промената на надворешноста.
Ентериерот добива црни „пијано“ декоративни елементи, заедно со спортските седишта кои се со вграден потпирач за глава. Управувачот е украсен со Sportline логото, а праговите се украсени со Octavia натпис. Како стандард, Škoda ќе а продава новата верзија – која е поставена меѓу Style и RS – со USB-C портови во внатрешниот ретровизор со што возачот лесно ќе може да приклучи и камера.
Како што може и да се очекува кога станува збор за Octavia, Sportline верзијата е достапна со поголем избор на бензински, дизел, благо хибирден и plug-in хибриден погон. Зависно од изборот на погонот, моделот може да се добие со погон на предните или сите четири тркала, како и со шестстепен мануелен или седумстепен автоматски менувач со двојна спојка.
2.0 TSI додаден во моторната постава
Најголемата вест кога станува збор за моторите е внесувањето на 2,0-литарскиот TSI мотор на Škoda со 190 КС во понудата. Овој агрегат беше достапен кај претходната генерација на Octavia кон крајот на нејзиниот животен циклус кога го замени стариот 1,8-литарски TSI, но дури сега четвртата генерација го добива овој бензински мотор. Достапен исклучиво со погон на сите четири тркала и DSG менувачот.
За дополнителна сума на пари, Škoda Octavia Sportline може да се нарача со DCC Dynamic Chassis Control која носи 15 поставки за аммортизерите, од удобен до спортски режим. Централното воздушно перниче меѓу предните седишта исто така е опција, заедно со асистенцијата за избегнување на судир, асистенција за маневрирање и асистенција за заштита на патниците.
Единствениот член во семејството на Octavia кој сега недостасува е луксузниот Laurin & Klement трим кој е именуван по основачите на Škoda, а беше достапен кај сите три претходни генерации на модерната Octavia.