Škoda официјално го претстави Enyaq iV
Најважниот новитет на чешкиот производител Škoda за оваа година, моделот Enyaq iV, ја доживea својата официјална премиера
По долгата тизер кампања, премиерата на Škoda Enyaq iV се одржа во Прага, а настанот беше пренесуван преку онлајн дигиталните канали на чешката компанија. Со својот Enyaq iV, Škoda за прв пат влегува во сегментот на електричните SUV. Електричниот кросовер се истакнува со атрактивен и прогресивен дизајн, кој е балансиран и самоуверен, а притоа се карактеризира со простран и удобен ентериер.
Enyaq iV моделот останува доследен до емотивниот Škoda дизајнерски јазик со кој се истакнуваат Scala, Kamiq и четвртата генерација на Octavia моделите. Enyaq iV ги споделува типичните смели линии, чисти површини и кристалните елементи. Сепак, електричниот SUV на Škoda со своите пропорции отскокнува во однос на претходните кросовери на компанијата. Enyaq iV има пократка предница и издолжена линија на покривот, што му дава мошне динамичен изглед на автомобилот.
Најголемото изненадување кога станува збор за екстериерот секако е светлечката предна решетка. Истата ќе биде стандардна на перформансната RS верзија, како и на лимитираната Founders Edition, а во себе поседува 130 LED сијалици. Инаку, Founders Edition верзијата ќе биде произведена во 1.895 единици во чест на 125-годишнината на компанијата. Базичната верзија пристигнува со 18-инчни челични тркала, додека сите останати пристигнуваат со 21-инчни тркала со различен дизајн и боја.
Škoda Enyaq iV е поставен на сестраната MEB платформа, а пристигнува со погон на задните и на сите четири тркала, со три различни големини на батериите и способност за брзо полнење кое ќе го симне времето потребно за полнење од 10 до 80 проценти на само 40 минути при користење на 125 kW полнач.
Електричниот кросовер добива неколку варијатни
Опсегот електричниот SUV започнува со Enyaq iV 50, кој пристигнува со електричен мотор поставен на задната осовина и кој испорачува 148 КС и со 55 kWh батерија за 340 километри автономија. Enyаq iV 60 пристигнува со автономија од 390 километри благодарение на 62 kWh батерија и ќе има електромотор со моќност од 180 КС. Enyaq iV 80 е на врвот на понудата со 82 kWh батерија која овозможува до 500 километри автономија, а електромоторот ќе испорачува 204 КС.
Оние кои се заинтересирани за електричниот SUV да го добијат со погон на сите четири тркала ќе бираат меѓу 80X и RS верзиите кои добиваат втор електромотор поставен на предната осовина за вкупни 265 КС и 306 КС. Škoda Еnyaq iV RS од нула до „стотка“ ќе забрзува за 6,2 секунди, додека максималната брзина ќе изнесува 180 километри на час. RS и 80X ќе имаат автономија од 460 километри.
Ентериерот е чист, иновативен и одржлив, благодарение на лесната конфигурација на индивидуализираните дизајнерски елементи и тематските пакети, а притоа се задржува пространоста и чувството на простор. Слично како Kodiaq, Enyаq iV ќе има багажник со капацитет од 585 литри, а внатрешноста ќе биде исполнета со најнови технологии. Централната конзола наликува на онаа во најновата Octavia, но13-инчниот инфозабавен систем е ексклузивен за Enyaq iV. Тука се и дигиталните инструменти, head-up екран со проширена реалност (за првпат кај еден Škoda модел) и постојана интернет конекција, а ентериерот ќе биде обложен со одржливи материјали.
Од Škoda не открија колку ќе изнесува цената на Enyаq iV, но според нив истата ќе започнува од околу 35.000 евра, зависно од пазарот на кој ќе биде пласиран првиот електричен SUV на компанијата.